Возниот парк на општинското јавно претпријатие„Охридски комуналец“ од денеска е обновен со седум нови специјализирани возила. Со набавката, како што денеска беше истакнато на презентацијата на возилата, значително ќе се подобрат условите за работа на претпријатието, односно ќе се подобри системот за транспорт на комуналниот отпад од градот и околината.
– Станува збор за опрема вредна околу 450 илјади евра, средства што општината ги обезбеди преку кредитна линија од Светска банка. Од претходната општинска власт преку истата кредитна линија беа набавени пет такви возила, што исто така ќе ги исплаќа сегашната општинска администрација, изјави в.д. градоначалникот Константин Георгиески.
Директорот на „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски оцени дека со новата опрема значително се зголемува и подобрува капацитетот за транспорт на отпадот во градот и се модернизира возниот парк со што ќе се намалат трошоците за негово одржување и тековните расходи на претпријатието.
– Голем дел од расходните ставки на претпријатието ќе биде намален, преку заштеда на средства што досега се издвојуваа за одржување и набавка на резервни делови за дотраената механизација, изјави Грданоски.
Новата опрема се состои од едно транспортно возило со капацитет од 20 метри кубни отпад, две осумкубични возила, цистерна за миење улици, две трикубични возила со када систем за собирање на отпадот од Стариод дел на градот и трактор со приклучни уреди за повеќе намени.