Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани го заврши поставувањето на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија и во моментот ја спроведува постапката за добивање соодветна лиценца од Регулаторната комисија за енергетика и од другите државни институции.
Во кругот на пречистителната станица за отпадни води кај селото Мојанци, на три парцели со вкупна површина од 4.000 метри квадратни, инсталиран е фотоволтаичен систем со моќност од 453 киловати. На годишно ниво тој ќе произведува над 590 илјади киловатчасови, што треба целосно да ги покрие потребите од струја за функционирање на објектот.
-Од Советот на Општина Кочани веќе добивме согласност за постапката, односно по комплетирањето на изградбата и техничкиот прием ќе ни биде дадена на трајно управување пречистителната станица, што беше и еден од условите за добивање на лиценцата. Објектот е во завршна фаза и ќе биде готово до март, поради што во меѓувреме ги привршуваме и законските процедури за обезбедување дозвола за производство на електрична енергија, истакна Андреј Киров, директор на комуналното претпријатие „Водовод“.
Вредноста на фотоволтаичниот систем изнесува над 450 илјади швајцарски франци и тој е дел проектот за изградба на станицата за пречистување на отпадните води, што се реализира со поддршка од владата на Швајцарија.
Од „Водовод“ информираа дека е направена дополнителна регистрација на дејноста за производствоо и продажба на електрична енергија и по обезбедеувањето на лиценцата системот веднаш ќе биде ставен во функција.