Во Росоман се носат и се оставаат кучиња од други места, констатира денеска Советот на Општината. На седницата на која се дискутираше за овој проблем, беше донесена Програма за благосостојба на животните.

Според градоначалникот Бранко Јанев, многу од кучињата кои шетаат низ Росоман без сопственик се донесени од други места. Тој смета дека ваквата ситуација не се решава лесно.

– Да видиме од каде ни доаѓаат кучињата во Росоман. Од оние кои можат да се забележат, не се сите росомански. Пред некој ден видов како на паркинг од возило со кавадаречка регистрација беше пуштено куче. Предлагам да се фотографираат таквите и да се казнуваат за нивната несовесност, рече советникот Ристо Јошев.

Програмата за заштита и благосостојба на животните – третман на бездомни кучиња (нерегистрирани и регистрирани кучиња, затекнати на јавни површини без присуство на сопственикот), предвидува повеќе општи мерки: собирање бездомни кучиња затекнати на јавни површини без присуство на сопственик и привремено сместување во прифатилишта, како и нивен третман (кастрација, здравствено третирање, социјализација, обележување со микрочип, враќање во регион).

Општите мерки ги организира единицата на локална самоуправа и се спроведуваат во соработка со останатите надлежни институции и регистрирани субјекти овластени за вршење на дејност – прифатилишта.

Посебнa (специфичнa) меркa за заштита на населението и третман на бездомни улични кучиња e хуманата еутаназија на бездомните кучиња, во случај на појава на заразна болест.

Специфичните мерки за заштита се спроведуваат во случај на појава на заразна болест, која може да се пренесе со кучињата, односно доколку постои опасност од појава на ваква болест, може да се направат исклучоци од основните мерки и да се спроведе хумана еутаназија на кучињата.

Спроведувањето на специфичните мерки за заштита на населението и заштита и благосостојба на животните, имаат приоритет во однос на спроведувањето на основните мерки, со цел обезбедување повисок степен на заштита на населението и животните.

-Општина Росоман ќе се грижи за заштита и благосостојба на животните, со правилен третман на бездомните кучиња, согласно закон. Општината во соработка со локалните образовни и социјални институции ќе ги запознава најмладите категории на граѓани со етичките и законски обврски на сопствениците на миленици, преку едукативни предавања, стои во програмата.

Ќе се распише повик за јавно наддавање, за да се избере субјект кој ќе ја спроведе оваа програма. Тоа е обврска на општината согласно на законот.