Одделението за управување со пазари при ЈПКД „Комуналец“ на дел од сопствениците на тезги на пазарот во ТЦ „Глобал“ во Струмица им го прекина снабдувањето со електрична енергија.

Струјата им е прекината на пазарџии кои имаат закупено тезги за продажба на зеленчук и овошје.

Според соопштението од „Комуналец“ причина за ваквата одлука е што користењето на електричната енергија не е рамки на месечната закупнина за тезгите, но и заради бесправното приклучување на електрични уреди за затоплување.

– Потенцираме дека користењето на електрична енергија на тезгите во Градскиот пазар е надвор од месечната наемнина за истите. Таа се пресметува паушално, имајќи ја во предвид дејноста на корисниците, квадратурата и приклучените електрични апарати. Корисниците кои имаат склучено договор за користење на електрична енергија продолжуваат со непрекинато извршување на својата дејност, стои во соопштението на ЈПКД „Комуналец“ од Струмица.

На ваквото решение реагираат сопствениците на тезги. Тие сметаат дека со тоа им е нанесена штета, бидејќи не можеле да ги користат вагите за мерење и затоа биле принудени да купат нови, на батерии.

– Од вчера вработени од „Комуналец“ ја исклучија струјата од прекинувачите од каде се снабдуваме со струја за апаратите за мерење. Сега не можеме да работиме. Јас немам ништо против да ми определат колку треба да плаќам за користењето на струјата, но требало претходно да не информираат, а не одеднаш да се одлучат на таков чекор, вели Тане Митев, сопственик на тезга на Градскиот пазар во ТЦ „Глобал“ во Струмица.

Додаде дека сите пазарџии не треба да се стават во исти кош и точно да се утврди кој го злоупотребува користењето на електричната енергија.