Штип конечно ќе добие дневен Центар за лицата со посебни потреби над 18 години. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски на денешната прес-конференција објави дека општината отстапува дел од просторот во Општинското основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“, каде ќе се отвори овој центар, а ќе се реконструира и опреми со помош на Министерството за труд и социјална политика.

– Просторот е некаде околу 180 метри квадратни во училиштето „Гоце Делчев“. По потпишувањето на овој меморандум ќе почне адаптацијата и реконструкцијата, со што ќе биде искористен за потребите на лицата со посебни потреби над 18 години, вели Бочварски

Директорот на ООУ „Гоце Делчев“, Трајче Димов вели дека станува збор за простор, што со години не се користи, а се наоѓа под спортската сала.

– Со адаптација на овој простор ми се чини дека ќе биде еден од подобрите простори за користење од страна на лицата со посебни потреби над 18 години. Ние сме училиште, каде работиме најмногу со дечиња во инклузија, дечиња кои имаат попреченост во развојот, вели Димов.

Претставниците од Здружението „Порака“ забележуваат дека родителите се најзадоволни од реализацијата на овој центар. Со години бараат од локалната власт, да се отвори ваков центар, бидејќи се оставени самите да се снаоѓаат со своите возрасни деца. Во овие семејства вообичаено еден од родителите не работи.