Околку 150 кумановци се вработиле преку самовработување, вработување и раст на правните субјекти, субвенционирање на плати и условен паричен надоместок, информираа денеска надлежните од Центарот за вработување Куманово.
Седумдесет и пет невработени лица се вработиле преку програмата Претприемништво односно подршка за самовработување.
-Откако ги отворија фирмите и го почнаа својот бизнис во овие фирми што беа креирани преку оваа програма имаме и 18 дополнителни вработувања, од овие 75 лица. 35 лица беа млади до 29 годишна возраст кои се осмелија својот проблем да го решат преку почнување на сопствен бизнис. Исто така и три лица со посебни потреби го решија своето вработување преку оваа мерка со отворање на свои фирми и започнување на сопствен бизнис-изјави раководителката на кумановскиот Центар, Марија Димитријевска.
Центарот бележи и шеснаесет директни вработувања преку мерката-Вработување и раст на правни субјекти, од кои што десет се млади лица до 29 години, за кои фирмите добиле директен грант за реализација на овие вработувања.
-Дваесет и седум лица невработени од редот на активни баратели на работа беа вработени преку Програмата Субвенционирање на плати каде што се даваше директна субвенција на работодавачите за нивно вработување за креирање и создавање нови работни места во нивните фирми-додава Димитријевска.
Шест невработени лица кои беа под социјален ризик го решиле својот проблем на вработување преку програмата за Условен паричен надоместок односно програма за субвенционирано вработување на лица во социјален ризик.
Мерка која што во иднина ќе придонесе за креирање нови работни места кај работодавачите, според надлежните од Центарот за вработување е мерката Обука на работно место кај познат работодавач, која според искуството на надлежните е доста атрактивна.
-Мислам дека овааа година ќе имаме поголем процент на вработувања преку оваа мерка пред се во чевларската и текстилната индустрија, бидејќи готов кадар релативно од помладите немаме. Ќе се потрудиме заедно со работодавачите и со невработените лица да го креираме, да го произведеме овој кадар преку оваа мерка односно преку нивна обука во реални услови кај познати работодавачи-изјави Димитријевска.
Според, последните податоци на Центарот заклучно со 31 декември 2018-та година бројот на активни баратели на работа изнесувал 9.389, а пасивни – 8.575.