Одделението за инспекциски надзор на комуналните работи од советниците на општина Гевгелија доби задача во сите населени места во општината да определи места за депонирање на градежен шут и кабаст отпад кој не спаѓа во комунален.
Ова ќе биде првична мерка за справување на општината со дивите депонии кои може да се забележат на многу места покрај коритото на Сува Река, покрај регионалните и локалните патишта, па и долж коритата на Мрзенска и Кованска Река.
Според советниците, овој проблем останува најгорлив еколошки проблем на општина Гевгелија, а причината за создавање на дивите депонии ја гледаат во несовесноста и ниската еколошка свест на граѓаните и правните лица.
За надминување на проблемот инсистираа надлежните инспекциски служби поредовно и поупорно да вршат контрола на теренот, да ги откриваат несовесните граѓани и конечно да почнат да ги казнуваат оние кои фрлаат отпад каде ќе стигнат.
Посочија дека едно од можните решенија е општината да размисли и за поинакви мерки кои функционираат кај нас и во светот, како на пример заграден еколошки простор каде во секое време бесплатно ќе може да се одложува секаков вид отпад кој подоцна ќе се селектира и сепарира од страна на јавното комунално претпријатие.