Пратеникот на Социјалдемокртската партија на Косово (ПСД), Дардан Сејдиу го поздрави разрешувањето на министерот за земјоделство Ненад Рикало, порачувајќи дека „по утрото денот се познава“, јави дописникот на МИА од Приштина.
– По утрото денот се познава! 1. Разрешен Рикало, напиша Сејдиу на Фејсбук, подвлекувајќи ја информацијата за разрешувањето на министерот за земјоделство, како „завршена работа“.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, со денешото разрешување на министерот кој доаѓа од партијата на Србите во Косово, Српската листа (СЛ), го исполни условот кој го постави ПСД, од чии редови доажа Сејдиу, за да го гласа Буџетот на државата.
Веста ја соопшти самиот Харадинај на својот официјален профил на Фејсбук, каде што ја објави и одлуката со која го разреши Рикало.
Еден од условите на ПСД за да гласа за Буџетот на државата, покрај формирањето државен тим за преговори со Србија, беше разрешувањето на Рикало, кого оваа партија го обвинува за неколку коруптивни афери, како што е доделувањето тендери на фирма зад која стои неговата сопруга, како и на фирми на негови сопартијци.
Без десетте гласови на формално опозициската партија на Шпенд Ахмети, владејачката коалиција го нема потребното мнозинство за изгласување на буџетот.
Седницата на Собранието на Косово, на која, меѓу другите точки на дневниот ред, е и гласањето за Буџетот, е закажана за денеска.