Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски синоќа го промовираше новото осветлување на Градскиот парк со паметни светилки. Околу сто канделабри го осветлуваат просторот со лед осветлувачки тела.
-Новите светилки овозможуваат ново и посилно осветлување во Градскиот парк. Граѓаните можат и во вечерните часови безбедно да се движат и што е најважно со новото осветлување истовремено имаме заштеда на електрична енергија за разлика од класичното, рече градоначалникот Јаневски.
Додаде дека ќе продолжи да се модернизира осветлувањето во градот на една од најдолгите улици во градот – „Младинска“, како и на други локации во градот.
– Оригиналноста на овој проект се состои во тоа што означува вовед во тоа што ние го нарекуваме „паметен град“, потенцираше градоначалникот Коста Јаневски.
Девет од светилките се поставени на потегот од споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски до Амфитеатарот и тие работат на принцип на можност за регулирање на интензитетот на осветлувањето со сензор за регистрирање на движењето.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 4.742.600 денари и е прва од таков вид во државата.