Словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар, изјави дека тој и премиерот Марјан Шарец имаат покана да ја посетат Хрватска, но смета дека со тоа не треба да се брза се додека Хрватска не направи чекор кон признавање на арбитражна одлука за пограничниот спор.

-Тоа на крајот ќе биде одлука на претседателот на Владата, но и двајцата сметаме дека со посетата не треба премногу да се брза, додека спротивната страна не покаже оти е подготвена да го почитува владеењето на правото, рече Церар во разговор за весникот „Дело“.

Според него, „прво мора да има поместување на другата страна за таквата посета да има смисла“, додавајќи дека Љубљана има покана за средби со хрватскиот премиер и министерката за надворешни работи.

Сепак, вели тој, без оглед на сето тоа, на лично ниво постои нормална комуникација.

– Ние нормално комуницираме, но кога работите се префрлени на официјално ниво, кое има и симболично значење, а со тоа и многу вистинско значење, тогаш мислам дека Хрватска треба да сфати оти е должна прво да направи чекор во вистинската насока, изјави Церар.

Тој додаде дека Љубљана со Загреб има добра соработка во некои области, но дека Хрватска со непризнавањето на арбитражна одлука практично на Словенија и постави „ултиматум”.

Церар потсети дека Словнија поднесе тужба против Хрватска до Судот на ЕУ во Луксембург, а очекува судот да оцени дека Хрватска, кршејќи ја арбитражната одлука, го крши правото на ЕУ.