Помор на риба во реката Брегалница констатирале членовите на спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ од Кочани, на потегот од мотелот „Слив“ до мостот кон селото Зрновци.
Риболовците информираа дека голем број крупни и поситни парчиња речна риба се затруени и се исфрлени на брегот, а се претпоставува дека поморот настанал во ревирот на виничкото риболовно здружение.
-Ние веднаш реагиравме и го известивме концесионерот на тој дел од брегалничкото риболовно подрачје, по што заедно со колегите риболовци од Виница доставивме известување до надлежните инспекциски служби. Се надеваме дека брзо ќе биде откриен причинителот за загадувањето на водата во реката и против него да бидат преземени соодветни законски мерки за предизвиканата штета, истакна Димитар Димитров, претседател на спортско-риоловното здружение „Кочански рибар“.
Кочанските риболовци информираа дека труењето на рибата не се случува првпат и дека имаат индиции дека загадувањето на Брегалница е направено со испуштање на отпадни води во една од нејзините притоки.
Засега на останатиот дел од речниот слив од кочанскиот ревир не е констатиран помор на рибата.