Седиштето на меѓурегионалното Јавно претпријатие за депонијата, или современиот систем за управување со отпад за источниот и свероисточниот регион ќе биде во Свети Николе, каде што во близина на селото Мечкуевци и ќе се депонира и рецилира отпадот. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашко Велковски за МИА вели дека веќе е договорена и средба меѓу месното население со претставниците на Министерството за животна средина и од канцеларијата на Европската унија.

– Наредната недела ќе се закаже отворена седница на Советот на Општина Свети Николе, на којашто ќе присуствуваат граѓаните, невладините организации и претставниците од Министерството за животна средина и од канцеларијата на ЕУ, а на којашто директно граѓаните ќе можат да поставуваат прашања и да се запознаат со овој проект, вели Велковски.

Тој забележува дека на општината и е прифатено барањето камионите со отпадот од целиот источен регион да не поминуваат низ улиците во градот, туку со пари од Владата да се изгради нова обиколница до локацијата, кадешто ќе се отвори овој прв современ систем за депонирање на сметот од 18 општините од истокот и североистокот. Градоначалниците од овие два региона одлучија во Управниот одбор да има вкупно 15 членови, од кои по седум од источниот и североисточниот регион и еден од општина Свети Николе, додека во надзорниот одбор ќе има пет члена, од кои по двајца од двата региона и еден од Свети Николе. Новото меѓурегионално јавно претпријатие ќе овозможи и отварање на 20 до 30 зелени работни места. Инаку овој проект се реализира со грант од фондовите на ЕУ, а за следните чекори општините ќе искористат над 35 милиони евра, за набавка на камиони, контејнери, изградба на претоварни станици и за системот за управување со отпад, којшто ќе биде од затворен тип.