Над стотина планинари, членови на планинарските клубови од повеќе градови од Македонија, учествуваа на зимската планинарска школа, што се одржа во туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини.

На школата тие имаа теориска и практична настава за начините на движење по снег во планина и за употреба на планинарска опрема.

Домаќин и организатор на обуката беше планинарскиот спортски клуб „Осогово" од Кочани во соработка со планинарското друштво „Макпетрол" од Скопје и со Комисијата за планинарски водичи при Федерацијата за планинарски спортови на Македонија.

-Обуката се реализираше во два дела, при што планинарите имаа теориска настава за користење планинарски стапчиња, цепин, дерези и дрезги, и како да изработат снежен профил. Во практичниот дел градеа зимско засолниште, учеа како да се движат во наврска и вежбаа паѓања на снежна стрмнина со цепин и дерези. Главна цел е да се стекнат знаења за полесно снаоѓање и преживување во зимски и снежни услови на планина, истакна претседателот на планинарскиот клуб „Осогово", Тошо Антов.

Предавачи на зимската школа на Пониква беа искусни и лиценцирани планинарски водичи од Федерацијата за планинарски спортови, а дел од опремата обезбеди планинарското друштво „Макпетрол".