Немаме анализа точна и прецизна, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски, после најавата на неговиот претпоставен - премиерот Зоран Заев, дека ќе им се прости долгот од 110 милиони евра на двесте илјади граѓани и семејства.
Како тогаш премиерот дојде до овие две бројки, е нејасно за Бошњаковски, ама вели дека за сега, најавата на Заев е демонстрација на добра волја.
-Премиерот кажа дека постои добра волја кај ЕЛЕМ и ЕВН, а механизмите за тоа како би се извело и сите други анализи прецизни ќе се прават понатаму. Немаме за сега анализа конкретна со прецизни бројки, изјави Бошњаковски.
Ваквата мерка без анализа и соодветни резултати, остава простор за толкување на истата како предизборен популизам. И експертските мислења се критични. А најжестоки се граѓанските реакции на социјалните мрежи. Граѓаните уште еднаш се почувствуваа обесправени, велат зошто никој не се сети на редовните плаќачи на сметки кои тоа го прават секој месец без разлика дали имаат пари или не?