Здружението на слепи лица од Кочани обезбеди 20 звучни уреди за своите членови, како донација од Националниот сојуз на слепи на Македонија.

Помагалата им се поделени на лицата кои имаат оштетување на видот над 90 проценти, а тие ќе им овозможат полесна комуникација и движење на отворен простор. Се работи за современи и компактни уреди што имаат можност за воспоставување безжична врска.

– За првпат годинава ги добивме звучните уреди што дел од нашите членови не можеа сами да ги набават, а за што повеќепати упатуваа барања до Здружението. Покрај овие помагала, досега им обезбедивме и поголем број уреди за мерење на нивото на шеќер во крвта, апарати за мерење крвен притисок и звучни термометри, истакна Круме Гогов, претседател на Здружението на слепи од Кочани.

Во моментот во кочанското здружение на слепи членуваат околу 130 лица, кои се поделени во три категории, според процентот на оштетеност на видот. Освен од Кочани, тоа ги опфаќа и слепите и слабовидни лица од соседните општини Виница, Берово, Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, Зрновци и Чешиново-Облешево.