Градоначалникот на Велес Аце Коцевски, на денешната прес-конференција истакна дека е задоволен од финансиското работење на Општина Велес во четвртиот квартал од 2018. Капиталните расходи се реализирани во износ од 62.939.706 денари или за 46.16 отсто повеќе во однос на 2017 година.
– На ова сум посебно горд затоа што имаше многу неправедни критики во јавноста дека во Велес малку се гради, малку се инвестира, меѓутоа бројките го покажуваат сосем спротивното. Критиките во јавноста беа неосновани, во општината се работи чесно, одговорно и домаќински, парите на граѓаните се трошат за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а не за софри, седенки, репрезентации, а тоа го постигнувам заеднички со општинската администрација и Советот на општината, нагласи Коцевски.
Тој информира дека репрезентацијата во четвртиот квартал во 2018 е реализирана со 107.322 денари или за 11,35 пати помалку во однос на 2017 година. Горивото е реализирано во износ од 520.837 денари или 1,56 пати помалку во однос на 2017 година. Патните расходи се реализирани во износ од 673.504 денари или 1,30 пати помалку во однос на 2017 година.
Воедно, извести дека тековно оперативните приходи во износ од 680.415.492 денари се 5.94 насто повеќе во однос на 2017 година. Капиталните приходи во четвртиот квартал изнесуваат 23.290.867 денари или 35,20 отсто повеќе во однос на 2017 година.