Општина Штип денеска го доби првиот електричен автомобил, којшто ќе се користи од страна на курирската служба за раснесување на писма и решенија за данок на имот до домаќинствата и фирмите. Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски денеска го презеде овој автомобил, кој е добиен како донација од фирмата „Хамачи ДООЕЛ“-Штип.
– Благодарност до нашиот сограѓанин Тони Димитров којшто е претставник и директор на фирмата Хамачи. Во моментот светски тренд е да се преориентираат возилата од нафта на струја, со што граѓаните ќе имаат големи заштеди и без да ја загадуваат природата, рече Бочварски.
Сопственикот на фирмата „Хамачи“, Димитров вели дека се работи за возило со електричен погон, марка „Џонвеј“ произведено во 2016 година. Со ова возило се намалуваат трошоците за нафта, а и дополнително се заштитува животната средина. Автомобилот може да развива брзина од 50 до 60 километри на час. МИА претходно информираше дека Штип има полнач за електрични автомобили, кој се наоѓа на автобуската постојка, кај Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип.