Македонската рекордерка во маратонско трчање Адријана Поп Арсова, која минатата година ја помина магичната граница под три часа, е избрана за спортист на Виница за 2018 година.

Во октомври минатата година на маратонот во црногорскиот главен град Подгорица таа ја истрча патеката од 42 километри за два часа 59 минути и 43 секунди со што го постави новиот македонски рекорд во женска конкуренција.

На манифестацијата „Спортски асови 2018“, што за првпат годинава ја организираше Општина Виница, имаше десетина пријавени спортисти, а Поп Арсова заслужено го доби признанието за најдобра.

Иако изборот на најдобрите поединци и екипи во спортот го правиме за првпат, наидовме на голем интерес и иницијативата беше одлично прифатена. Наградата за најуспешен спортист оди во вистински раце, затоа што Адријана Поп Арсова е достоен спортски амбасадор на Виница и на Македонија. Оваа манифестација ќе стане традиција и планираме да се одржува секоја година во почетокот на февруари, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров. Во категоријата за најдобар млад надежен спортист во женска конкуренција награда доби гимнастичарката Патриција Костадиновска, а во машка кик-боксерот Јани Постолов. Дарко Гоцевски од кик-бокс клубот „Лидер’“ беше прогласен за најдобар тренер.

Во екипна конкуренција признанието најдобар му припадна на ракометниот клуб „Торо спорт“, а за најуспешен училишен спортски клуб награда добија основното училиште „Гоце Делчев“ и тренерот Петре Бошески.

Комисијата составена од наставници по физичко воспитување, тренери на екипи и претставници од Општина Виница, која ги оценуваше достигнувањата на спортистите, одлучи признанието за најдобар спортски настан во 2018 година да го добие планинската трка „Чупино треил“.