Копретседателот на косовскиот тим за преговори со Србија, лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД), Шпенд Ахмети, по денешната средба со државниот врв на Косово, изјави дека ставовите по однос на такста од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина остануваат непроменети, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ахмети по денешниот состанок во косовското Собрание со претседтелот на државата Хашим Тачи, парламентарниот спикер Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, изјави пред новинарите дека на средбата станало збор за две теми – платформата на државниот тим за преговори со Белград и писменото барање од официјален Вашингтон за укинување на таксата кон Србија и БиХ.

– За платформата имаме уште неколку расправи и очекувам во петок да ја доставиме до Собранието. Ја разгледавме уште еднаш со државното раководство, за да видиме дали имаат некаков коментар, но нема никакви несогласувања. Вториот дел од состанокот повеќе беше информирање на претседателот на Собранието, кој сакаше да се увери од сите дали го примиле писмото од САД, изјави Ахмети.

Тој додаде дека има несогласувања по прашањето на таксата, но дека по овој состанок ништо не се сменило во ставовите.

– Треба да бидеме обединети. Ако одлучиме да ја задржиме таксата тогаш да ја заздржиме, ако не – да ја укинеме, изјави Ахмети.

Медиумите вчера го објавија писмото кое официјален Вашингтон го испрати до косовскиот државен врв, во кое се бара да се супсендира таксата, со цел да се деблокира дијалогот меѓу Приштина и Белград. Во спротивно, САД најавуваат дека ќе воведат санкции кон Косово, меѓу другото и во обласата на безбедноста, што се толкува како најава за престанок на воената помош за Безбедносните сили (ФСК), односно Војската на Косово.

За укинување или времено суспендирање на таксата се залагаат претседателот Тачи и главниот коалициска партнер на Харадинај, Демократската партија на Косово (ПДК) на Весели, додека премиерот и неговата Алијанса за иднината на Косово (ААК) упорно опстојуваат на ставот дека таа ќе се укине тогаш кога Србија ќе ја признае косовската независност.