Косовскиот претседател Хашим Тачи се сретна денеска со амбасадорот на Соединетите Американски Држави Филип Коснет, со кого, како што е објавено, разговарал за повеќе теми од заеднички интерес, меѓу кои и за дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од кабинетот на Тачи се нагласува неговиот став изнесен на средбата дека „пријателството со САД е постојано и суштинско за реализирање на стратешките интереси на Косово за интегрирање во евроатлантските структури“.

– Косово и САД имаат заеднички вредности, принципи и цели. Во овој случај, наша заедничка цел е да градиме опстоен мир и стабилност во Косово и во регионот, како предуслов за развој и просперитет на нашата земја. Клуч за мирот е постигнувањето на мировен, сеопфатен и конечен договор меѓу Косово и Србија, изјавил Тачи на средбата.

Косовскиот претседател и американскиот амбасадор во Приштина, според соопштението, се согласиле дека „од витално значење во тој правец е отстранување на сите пречки за продолжување на дијалогот со Србија и за отворање на патот за постигнување мировен договор“.

Тачи исто така нагласил дека „партнерството и пријателството со САД се од животно значење за Косово“.

– Косово достигна далеку единствено благодарение на сестраната поддршка од Соединетите Држави, изјавил Тачи на средбата со Коснет.

Тачи, како и официјален Вашингтон, бараат од косовската Влада да ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, на што решително се спротивставува премиерот Рамуш Харадинај, кој вели дека таксата ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Република Косово.