По повод денешниот верски празник „Свети Трифун”, кој се смета за заштитник на лозарите, денеска во дворот на црквата „Свети Димитрија” во Кавадарци симболично беа закроени винови лози.

Закројувањето со пригодна молитва го изврши владиката повардарски Агатангел, во сослужение со свештеници на Македонската православна црква-ОА, од кавадаречкото и велешкото намесништво.

Тој притоа им се обрати на верниците, а во својата беседа се задржа на оддалечувањето на луѓето од Бога. Тоа го илустрира со драстичното опаѓање на присуството на верници, токму на чинот на симболичното закројување и во црквите на овој ден.

Претходно, во верскиот храм „Света Параскева Петка” беше одржана Света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше владиката повардарски Агатангел, посветена на светителот Трифун.