Центарот за развој на Вардарски плански регион до крајот на месецов ќе одбере еден од седум проекти од областа на туризмот, социјалната инклузија и животна средина што ќе биде поддржан со 123.789 швајцарски франци, во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Проектот е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.
Како што појасни за МИА Марко Колев директор на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, од седумте проекти, четири се од областа на туризмот, два од социјалната инклузија и еден од животната средина.
Станува збор за проект за опремување на регионален младински бизнис иновативен центар, потоа проект за реставрација на градските ѕидини во Стоби, поранешниот хотел „Вила Зора“ и негова преадаптација во работен и едукативен центар.
Се разгледува и проект за реставрација на владетелската палата од 4 век пред нашата ера на локалитетот „Вила Зора“, потоа проект за Скејт парк со седум елементи, проект за велосипедска крос патека низ регионот како вински пат низ различни вински точки и проектот за поставување на подземни контејнери за селектирање на отпад и набавка на такво возило за транспорт на селектираниот отпад.
– Формирани се седум групи со претставници од образованието, културата, социјалата, животната средина, спорт, млади и медиуми, а кои по трите одржани регионални формуми на последниот, а кој е закажан на 25 февруари по сите дискусии треба да направат рангирање и така да изберат еден од седумтте проекти, а кој ќе се реализира до ноември годинава, информира Колев.