Општина Росоман бара повеќе вода од хидросистемот „Бошава”, за решавање на проблемот со недоволно вода за пиење со кој росоманци се соочуваат со години. Се реагира дека претходно бил направен пропуст кога било прифатено росоманци да добиваат вода од тој хидросистем само од 15 мај до 15 октомври, или само пет месеци во текот на годината.
-Во останатиот дел од годината добиваме вода од регионалниот водовод Лукар, заедно со Кавадарци и Неготино. Но кога таму има помалку штедрост, ние остануваме без вода за пиење. Затоа е добро од хидросистемот да добиваме постојано вода и да се има предвид дека на прво место е водата за пиење, а дури потоа таа да се користи за наводнување и електрична енергија, реагираат росоманци.
Загуби во мрежата и поради кражби на вода
Со проблемот со водоснабдувањето Росоман се соочува цело време, за МИА потврди и Гоце Величковски, директор на комуналното претпријатие.
-Со претходниот проект се кажало дека ќе се регулира целосно водоснабдувањето. Гледаме дека не е така. Тврдам дека проектот не е добар за Росоман. Не е добар и не може да биде добар. Не смее да се брани тој проект, бидејќи таа вода е обезбедена само во период од пет месеци. Да се побара ревизија околу тоа зошто е така направено, рече Величковски.
Последниот проблем што го имале последниов месец поради напукната цевка и навлегување корења од дрвја во неа, со што директно се спречил протокот на вода, го надминале. Претходно смениле и два воздушни вентилa на таа линија. Отсега натаму такви проблеми ќе немало, доколку имале редовно испорачување на вода од Кавадарци.
-Значи, сепак за извор на вода и испорака зависиме од Кавадарци. Треба, исто така да се каже дека претходно освен одлуките на советите од двете општини со кои биле одредени правата и обврските, не биле направени меѓусебни договори во кои би стоела обврска дека Росоман редовно ќе добива од 12 до 15 литри вода во секунда. Во моментов, последната недела, ситуацијата е стабилизирана. Очекувам дека ќе остане така, дека ќе нема промени, доколку пак не се појави некој дефект или доколку од Кавадарци не се направат одредени намалувања на тој проток на вода. А не смеат да го прават. Но пак ќе кажам дека сè уште немаме договори за таа работа. Има активности помеѓу двете страни токму околу регулирање на оваа работа. Доколку се регулира како што треба, а ќе биде регулирано, ако таа вода од 15 литри во секунда биде испорачувана кон Росоман во текот на целата година, тогаш со сигурност можам да потврдам дека вода ќе има доволно во сите зони во Росоман. И токму заради тоа и во програмата ние ставивме дека доколку се јави недостаток, а немаме регулациски вентили за да правиме рестрикции, да се изврши реконструкција и неопходно е да се постават неколку, за да може, доколку се појави тој проблем, да можеме да ја сопреме водата во долното маало или не знам каде, за да може горната зона да добие вода, појасни Величковски.
Тој нагласи дека загубите на вода се должат и на кражбите.
-Оваа година поинтензивно на терен со екипи ќе работиме на откривање на кражбата на вода, нешто што веројатно ни се случува. На тој начин многу повеќе ќе обезбедиме заштеда на вода, која ни бега, додаде Величковски.
За проблемот со недобивањето вода од хидросистемот во текот на целата година, како што информира за МИА градоначалникот Бранко Јанев, тие веќе разговарале и со заменик-министерот за животна средина.
-Ние сме ограничени со околу 12.73 проценти од вкупната количина вода што ја испорачува хидросистемот „Бошава”. Тоа не е во континуитет и е многу малку. И кога нема доволно вода на Лукар, ние остануваме без вода. Тоа што сега имаме вода е благодарние на поволната хидролошка состојба. При неповолна, имаме проблем. Од тие причини разговаравме со заменик-министерот и треба да направиме барање од општините Росоман и Кавадарци до Министерството, за да се преиспита договорот што бил склучен за јавно приватно партнерство, бидејќи водата за пиење е приоритет. Би сакале да се измени договорот со јавното приватно партнерство и на тој начин водата, наместо од април до октомври, да ја има постојано во текот на целата година. На тој начин ние ќе немаме проблем со водоснабдувањето, рече Јанев за МИА.
Да не се дозволи долу оаза, а горе пекол
Дека во минатото била направена грешка на товар на граѓаните се согласи и советникот Атанас Стојанов.
-Можеби треба да поминат и 50 години за Росоман да успее да го надмине проблемот со вода за пиење. Постојано инсистирам на тоа дека во 21 век клучно е водоснабдувањето. Очигледно не беа најдени ниту сили ниту можности или, пак, имало реални можности, а немало капацитети, за да се надмине овој проблем. Проблемот е повеќе од субјективен, а помалку од објективен карактер. Бидејќи не се зема реалната основа за надминување на овој проблем, рече Стојанов.
Конфигурацијата на теренот е таква, нагласи, Росоман не е како рамна тепсија.
-Имаме низинска и висинска местоположба. Одреден дел од населението и педесетина години се соочува со проблемот за вода за пиење. Во горното маало за жалење се луѓето. Да не дозволиме долниот дел да биде оаза, а горниот пекол. Јас не гледам мегдан за надминување на проблемот. Имавме бурни реакции пред некое време кога со денови се соочувавме со недостиг од вода за пиење, па празниците ги поминавме полнејќи канти со вода од други места. Добро е што конечно барем симболично се надмина проблемот. Прашање е до кога. Се надмина затнувањето во мрежата и тоа е добро. Немам забелешки на водоснабдувањето во изминатите неколку дена, додаде Стојанов.
Тој побара да се отстранат од водоводната мрежа дивоприклучените водокорисници. А комуналното претпријатие да ги информира советниците околу тоа колку крадци на вода има и колку краделе, но и да ги санкционира.
Советникот Јованче Јошев посака да има едно трпение од два до три месеци, за да се види по отстранувањето на дефектот, какво ќе биде водоснабдувањето.
-Така што, замолувам во иднина, пред да се напаѓа некој проект, малку да се преиспитаат сите точки, запирки, аргументи. Затоа што проструи некоја информација дека проктот не бил добар, не бил ваков или таков. Секакви гласини. Малку да почекаме, два или три месеци, или до шести-седми месец, кога во летниот период водата најмногу се троши од цела година, па некаде во август или септември да кажеме дали проектот чини или не чини, нагласи Јошев.
За еден кубик вода росоманци, според одлуката на Регулаторната комисија, оваа година ќе плаќаат 15 денари. Следната година цената ќе биде 15.20 денари, а 5.40 ќе изнесува во 2021 година. Донесена е превентивна одлука, да плаќа двојна цена за водата тој што ќе надмине месечна потрошувачка од 25 кубни метри.
Околу 10 милиони и 170 илјади денари должи комуналното претпријатие кон ЕВН, како стар долг. Секоја досегашна раководна гарнитура го одложува овој проблем, рече Јошев.
-На некој ќе му се падне да го исплати, но не знам кој ќе биде тој среќник, нагласи тој.
Со оглед на тоа дека Владата настојува да ги покрие долговите на некои од општините, рече Стојанов, а бидејќи Росоман е малку задолжена општина, побара овие обврски кон ЕВН да се вкалкулираат како долг на општината и да се покријат од државата. За да имаат комунално претпријатие кое нема и понатаму да биде оптоварено со овој долг. Овој долг е пријавен од страна на општината, кај надлежните државни субјекти. Ако не го регулира државата, општината ќе мора самата да го регулира на рати.
Додека траат сите овие перипетии околу водоснабдувањето, Стојанов има предлог во рамките на капиталните инвестиции, општината да ископа уште еден или два бунара и да ги реновира постојните, за да има вода во ситуации кога ќе ја нема доволно. Имено, во минатото Росоман обезбедувал вода токму од тие бунари.
-Денес е незамисливо да се остане час без вода, а камоли по неколку дена како што се случува кај нас, нагласи тој.
Поранешниот градоначалник на Росоман, Стојанче Лазов, ни рече дека немало никаков проблем во она што било договарано помеѓу сите субјекти кои ја договарале водата и дека, според него, потребно е само малку подобро менаџирање со ситуацијата од страна на поединци.
-Тоа подразбира и дека во никој случај не треба да има откажување од бунарите за вода кои беа користени во минатото. Треба да се има предвид онаа народната, нов бунар копај, во стариот не плукај, категоричен беше тој.
На нероден Петко му скроиле капа
До ноември 2015 година сегашната подружницата „Тиквеш” на Акционерското друштво во државна сопственост Водостопанство на Македонија била самостоен правен субјект. Во тоа време, како што појасни сегашниот директор Ристе Манев, тој субјект склучил договор за јавно приватно партнерство со приватен партнер, компанија основана од странски инвеститор. Согласно на тој договор, приватниот партнер требало да изгради пет мини хидроелектрани на хидросистемот „Бошава”, со кој стопанисува водостопанското претпријатие. Хидросистемот е стар, изграден во педесеттите години од минатиот век во рамки на хидромелиоративниот систем „Тиквеш”. Договор бил склучен за партнерство на 27 години.
-Првите 11 години од експлоатација на хидроелектраните, четири проценти од вкупно произведената електрична енергија треба да бидат за јавниот партнер. Останатите години, тој процент изнесува 11 отсто. Согласно законот за води, каде што приоритет е даден на наводнувањето, во наводнувачка сезона од 15 април до 15 октомври, приватниот партнер има обврска да обезбеди вода за наводнување. Ако има вишок, да прави струја и обратно. Тој договор е во важност веќе четврта година. Надвор од наводнувачкиот период, приватниот партнер ја нема обврската да ни дава вода. А ако побараме, ќе ни ја фактурира, дециден беше директорот.
Тој нагласи дека до 2021 година имаат водно право и дозвола од Министрството за животна средина, за користење на водите од реката Бошавица, зафатени во хидросистемот за наводнување. Но, имаат право да ја користат и за производство на струја.
-Според мене, договорот бил склучен на наша штета, предвидува зафатот на вода да биде после втората централа, а тој е дислоциран и изведен после првата централа, приватниот партнер се жали на загуба и бара надомест на штета, па ни фактурира огромни суми, рече тој.
Во меѓувреме, продолжи Манев, поранешната кавадаречка локална самоуправа барала од приватниот партнер да обезбеди околу 200 литри во секунда вода за комуналните претпријатија во Кавадарци и Росоман.
-Но приватниот партнер не можел да дава вода бидејќи не е носител на правото врз водата. Двете поранешни локални самоуправи, според моите сознанија, преку средства од Министерството за транспорт и врски и кредити, инвестирале со процентуално учество околу два милиона евра, за изградба на цевковод од околу 9,5 километри. Ама, по онаа народната, на нероден Петко ние му кроиме капа. Значи се решило да се гради објект без да се биде на чисто од каде ќе се зафаќа вода. Помеѓу водостопанското и комуналното претпријатие не бил склучен никаков договор за користење вода, се останало само на муабет, категоричен беше Манев.
Можно е, додаде, да се склучи таков договор и тие околу 150 литри во секунда, колку што е капацитетот низ тој цевковод да се поделат за пиење и наводнување.
-Ама тоа би важело само во тие месеци кога е сезоната за полевање. Ние всушност и го правиме тоа сега, ама без регулирани односи и што би се рекло, на жими мајка. Сите овие проблеми ги наследив кога дојдов на оваа функција. Морам да истакнам дека иако сме од две различни партии, имаме извонредна соработка со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Во соработката, тргнуваме пред се од јавниот интерес. Но, бевме изманипулирани од дел од претходни локални функционери кои во минатото дрско и безобразно со изговор дека има доволно вода, побарале на водоводот да се поврзе и викенд населба и нивните две викендички. Па така место половина од капацитетот, во цевководот ни остануваа само дваесетина литри. Оти во меѓувреме и други на диво се приклучиле на цевководот. Додека околу 60 илјади народ чекаше вода за пиење, а земјоделците за наводнување, поранешни локални функционери си седеле во кафиќи и се фалеле како можат со далечинско да вклучат да им се наводнува тревата во дворот од викендиците. Тоа е за осуда. Во недостаток на вода за полевање, ги активиравме пумпите за црпење вода од друг дел од системот што пак ни предизвика дополнителен трошок. Да биде парадоксот поголем, поради ниските температури и зголемена потрошувачка на вода, бидејќи луѓето ги пуштаат чешмите да течат за да не им замрзнат, зедовме вода надвор од предвидените месеци за тоа и сега иако не сме ја користеле ние, нам ни е фактурирана, а кој наводнува во зима, се пожали директорот.
Од целата оваа работа, нагласи, тие имале најголеми проблеми и главоболки. Иако, според него, главното промашување го направиле поранешните локални власти, кои не успеале до крај да го реализираат тоа што го договарале. Или како што коментира за тоа време, се останало само на муабет, без регулирани односи.
-Проблемот е сериозен. Сега заедно со новите градоначалници на Кавадарци и Росоман, со новите директори на комуналните претпријатија, се обидуваме да го надминеме проблемот. Сега ние ја имаме најтешката задача, во рацете ги држиме врелите костени. Можеби некој се офајдил од целата оваа работа, не знам и не можам да тврдам. Се трудиме да не дозволиме, населението да остане без вода. Почнуваме буквално од нула. Прашање е сега колку можеме да правиме измени во тој договор за јавно-приватно партнерство и какви последици би имало сето тоа. Ќе се бориме од петни жили, да извлечеме максимум. Неизвесно е како ќе заврши целата оваа работа, рече Манев за МИА.
Во врска со ова истражување, а со цел објективно информирање на јавноста, преку мејл се обративме и до странскиот приватен партнер, со прашање дали може да се смени нешто во договорот за јавно приватно партнерство, па наместо само шест месеци, вода за пиење од хидросистемот “Бошава” да се добива преку целата година.
Во одговорот Франц Флорјанчиќ, директор на „Колектор турбоинститут” ДОО Љубљана, сопственик на проектот „Хидро Бошава”, вели дека заинтересираните страни ги повикале на состанок во Љубљана.
-Веруваме дека е можно да се постигне договор што ќе ги задоволи сите страни, наведуваат тие.