Продолжува хуманата мисија на волонтерите од Црвен крст – Делчево. Во просториите на општинската организација на Црвен крст се одржа втората дисеминациска работилница како дел од програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“. Во улога на инструктор на работилницата беше професор Орце Павлов, кој истакна дека ПХВ е проект кој веќе 20 години егзистира на територијата на Македонија.

– И оваа година Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Делчево се вклучи во ПХВ програмата во чии рамки во просториите на општинската организација се одржа и втората дисеминациска работилница со младите волонтери од Делчево. Преку обуката, на повеќе од 50 младинци од Делчево практично им даваме во раце алатка како да изработуваат проекти што во себе содржат хумана димензија. Се работи за мали проекти што се исклучителни за нивната возраст и кои имаат за цел да укажат на некои промени во заедницата во која тие егзистираат, рече Павлов.

Додаде дека работилницата предизвикала голем интерес кај младите што го покажува и бројот на присутни, заинтересирани млади волонтери кои претежно се ученици во основните и средните училишта во Делчево.

Во Делчево и регионот повеќе предност се дава на проектите што имаат хумана димензија, додека како што истакнуваат од Црвен крст, во мултиетничките средини се работи на проекти за соработка меѓу различните култури и нивниот начин на живеење. Благодарение на ПХВ проектите, волонтерите од Делчево, во текот на минатата година, имаа неколку акции во кои беа вклучени во помагање на семејства кои потекнуваат од социјално ранливи категории.