Наједноставниот облик на локалното делување на граѓаните, урбаните и месните заедници е невозможно, поради сериозните проблеми со кои се соочуваат при функционирањето. Во Куманово има 68 заедници, од нив 16 урбани, 52 месни. Дел немаат простории за одржување состаноци, дел работат во руинирани објекти, во некои со години не се бираат претседатели, бидејќи или нема заинтересирани или пак нема доволен број на луѓе. Проблемите со функционирањето можат да се надминат доколку се врати статусот на месните заедници како правни лица, што ќе овозможи реално функционирање и решавање на проблемите на граѓаните во нивните места на живеење. Бројни се проблемите со кои се соочуваат овие заедници, претежно од инфраструктурен карактер, немање улици, патишта, водовод, канализација.
Градските или урбаните заедници во однос на руралните или месните заедници, реално имаат помали проблеми. Колку повеќе се оддалечени од градот, толку поголеми се и проблемите на месните заедници.
Според податоците на помошникот- раководител на секторот за правни, имотно-правни и општи работи, Методија Бојковски во четири од градските заедници, „ Панче Пешев“, „Благој Стефковски Гојчо“, „Средорек“ и Центар, објектите со денационализација се вратени на сопствениците. За да овозможи непречено собирање на граѓаните, општината или изнајмува простор од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор или им овозможува на граѓаните да ги одржуваат состаноците во некои училишта или пак во кружната сала на поранешниот Комитет.
-Основен проблем за месните заедници е немањето простор. 22-те немаат сопствен простор, останатите работат во простории на кои итно им е потребна реконструкција. Општината на некои им обезбедува канцелариски мебел и основни материјали за работа, но сепак, ниту една од овие заедници нема компјутер во 21-от век, вели Бојковски.
Основните проблеми водат кон други, па така во некои е тешко да се избере раководство и претседател. Граѓаните не сакаат да работат волонтерски, нешто што беше одлика во минатото, да се делува и работи за доброто за заедницата.
-За надминување на овие проблеми, според мое мислење тие треба да имаат својство на правно лице, да имаат жиро-сметка. Со донесувањето на Законот за локална самоуправа нивните ингеренции се одземени и финансиските средства за кои луѓето сакаат да соберат пари одат преку општината преку сектор за финансии, појаснува Бојковски.
Општината на овој начин, врши увид како се трошат средствата. Според Бојковски, најбитно е оваа материја да се уреди со закон, бидејќи е единствената која не е регулирана.
-Месните самоуправи работат врз онсова на Устав и на општините им е дозволено да формираат урбани и месни заедници, врз основа на Закон за локална самоуправа и статут на Општина Куманово. Покрај права, поради непостоење закон, нема одговорност, ако се донесе закон, тогаш има и одговорност. За подобро работење на урбаните и месните заедници потребно е нормативно-правно да биде регулирано нивното работење со посебен закон, дециден е Бојковски.
Во моментов, во Куманово урбаните и месните заедници функционираат согласно изготвениот правилник, што е усвоен на Советот во 2013-та година. Неговиот изработувач, Зоран Петровски, виш соработник за месна самоуправа во Општина Куманово, вели дека овој правилник е донесен согласно препораките на Министерството за локална самоуправа и со него се регулираат, начинот на работата, изборот, престанок на мандатот.
– Тие имаат законско право да иницираат решавање на проблеми, возможно е некој да им донира, формално, но треба да одат преку сметка на општината што ја успорува работата, се губи на време и основно е што нема доволно донации. Месните самоуправи не се во можност да се изборат за одредени прешања и битно е дека добар дел се насочени исклучиво кон локалните самоуправи, а не и кон министерствата или пак кон други донатори, вели Петровски.
Некои од нив се снаоѓаат во овие моменти, па така жители на одредено место формираат граѓанско здружение, имаат жиро сметка и собираат пари за одредени намени, како што е случајот со мештаните од Љубодраг кои на овој начин собрале средства за изградба на верски објект.
Во градските заедници, оние кои имаат простории, општината им дозволила на одредени невладини организации и граѓански здруженија да ги користат објектите, без да плаќаат наемнина, но да се грижат за нив, да ги реконструираат, да плаќаат комуналии и да им дозволат на граѓаните да се собираат и да одржуваат состаноци. И Петровски смета дека многу ќе се олесни начинот на функционирање на урбаните и месните заедници ако се врати статусот на правно лице. Добро е и да се одвои и паушал, но засега општината е концентрирана на реализација на инфраструктура, а не и на плаќање на функционери на локална заедница.
Добар дел од заедниците се сместени во објекти на државно земјиште, затоа Општина Куманово спроведува постапка за легалзиација, како што е случајот со месната заедница Умин Дол.
Претседателот на комисијата за месна заедница од општинскиот совет и воедно доглогодишен претседател на месната заедница Ново Село, Сашо Арсиќ вели дека голем проблем е да се конституираат самите месни заедници во руралните средини.
-Замислете во некои средини има само шест лица, а треба да се изберат тројца претставници и од нив еден треба да биде претседател, вели Арсиќ.
Тој појаснува дека пристигнуваат по 10 до 15 барања на годишно ниво за решавање на проблеми, претежно од инфраструктурен карактер до комисијата во советот, во која членуваат претставници од различни политички партии. Претежно барањата се однесуваат на недостиг на канализациска мрежа, бидејќи само во неколку села овој проблем е решен. Како позитивни примери на делување на месните заедници, Арсиќ ги посочува Долно Којнаре, Лопате, а во последно време и Живиње, Длга, месни заедници со по неколку жители.
-Во некои од нив има жители исклучиво над 70 години, додава Арсиќ.
И тој смета дека доколку се врати статусот на правно лице на овие заедници, проблемите многу побрзо ќе се решаваат. Пред извесен период, претставниците од месните заедници од Куманово имале средба со пратениците од овој реон од кои побарале да покренат иницијатива за враќање на статусот на правно лице.
Општина Куманово почна со реконструкција на некои месни заедници, како што се Зелен Рид од урбаните и Долно Којнаре од месните заедници. Бројот на месните заедници со годините се зголемува, особено по територијалната поделба кога месните заедници од поранешните општини Клечовце и Орашац се спојија со Куманово. Најголема урбана заедница, според соговорниците и според последните избори од бројот на гласачи е „Тоде Мендол“ со околу 16.000 лица, а најмала е Кутлибег кон Свети Николе со само шест лица. Сите заслужуваат решавање на проблемите и затоа, сметаат надлежните потребно е да се врати статусот на урбаните и месните заедници како правни лица. Уставот гарантира непосредно делување и акција за надминување на проблеми од секаков тип од загадување, до инфраструктура, до јавен превоз, сето она што го чини секојдневното живеење на граѓаните.
Александра Максимовска