Општина Кавадарци обезбеди мобилна база за правење асфалт, вредна милион денари, а со неа одржувањето на локалните патишта и улици ќе биде поефективно.

– Општина Кавадарци обезбеид мобилна база за правење асфалт, прва од ваков вид во едно јавно комунално претпријатие во Македонија. Таа ќе овозможи да се има асфалт 12 месеци во годината. Овозможува претходно искористениот и гребен асфалт да се рециклира, но да се прави и нов асфалт. Ќе имаме многу попродуктивна и ефикасна работа во делот на асфалтирањето. Ова значи завршување на претходно планираната набавка за “Комуналец” и комплетирање на опремата, со што нема потреба од ангажирање на трети лица и изнајмување на опрема, појасни градоначалникот Митко Јанчев.

Набавени се и нова автоматизирана цистерна за перење на улиците и камион кипер со кран.

Директорот на комуналното претпријатие, Ѓоко Поп Ицов нагласи дека доопремувањето значи и поефективно работење. Тој информираше дека целокупната инвестиција во опрема за 2018 година изнесувала 30 милиони денари. Од нив, 20 милиони банкарски заем, а остатокот сопствени финансиски средства. Директорот додаде дека оваа година ќе се докомплетира возниот парк со нова опрема, машини и алати од околу 20 милиони денари.

– Со домаќинско работење и докомплетирана опрема, ја зголемуваме ефикасноста во работењето, додаде тој.

Раководителот на Секторот за комунално уредување, сообраќај и заштита на животна средина, Драган Симоновиќ, рече дека мобилната база за асфалт ќе значи поголема ефикасност во одржувањето на локалните патишта и улици.

– Имавме проблем со ударните дупки, проблем што се јавува особено во зимскиот период, поради тоа што не работат асфалтни бази. Затоа како општина и претпријатие одлучивме да го решиме тој проблем, нагласи тој.

Истовремено, покрај поефикасна интервенција, ова ќе значи и помалку незгоди бидејќи во минатото се случувало такво нешто, поради ненавремено затворени ударни дупки или крадење на знаците за предупредување наоколу.

Драган Рамов, одговорен за сообраќај во општината, во изминатите десетина години надзор над крпењето на ударните дупки, потсети дека локалната самоуправа секоја година издвојува од буџетот околу три милиони денари за крпење на околу 2.500 квадратни метри.

– Проблем е што вообичаено тендерот завршува за околу три месеци. Останатиот период ударните дупки се крпат или со коцки или со тампон, што се покажа како непрактично. Имаше доста оштетувања на возила за кои беше барано отштета. Во просек, по две до три тужби годишно. Со ова ќе се надмине тој проблем. Ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. За две до три години, ќе се покаже исплатливоста на машината, нагласи Рамов.

Машината е на плин, па освен финансиските, ќе има и еколошки придобивки.