Општина Кривогаштани е со блокирана сметка зашто стигнале за наплата побарувања од доверители за досега непријавени долгови од претходната локална власт, се пожали денеска на прес конференција градоначалникот на општината, Рубин Шефтероски.
Освен тоа, поради непријавените побарувања од доверителите од околу 6 милиони денари, 51 отсто од тие пари (околу 2,7 милиони денари) општината не можела да ги рефинасира преку Министерството за финансии во текот на 2018 година и ќе се формира комисија да ја испита состојбата.
-Наместо општината да пријави обврски во висина на реалниот, вкупен износ од 27 милиони 735 илјади и 542 денари, од кои се наведени, со закон на Министерството за финансии, ќе измиреше 51 отсто од вкупните обврски на општината. На ваков начин, сега општината е должна за исплата на вкупниот неприкажан долг во висина од 5 милиони и 307 илјади и 39 денари, а има и камати, и со тоа е причинета реална штета по буџетот на Oпштина Кривогаштани, објаснува Шефтероски, нагласувајќи дека од претходната локална власт не биле приjавени долговите кон добавувачи во фискалните 2015, 2016 и за дел од 2017 година.
Сега комисија од внатрешни и од надворешни членови ќе ја испитува одговорноста.
– Откако комисијата ќе ги согледа фактите ќе се знае со каков долг сум ја презел општината. Засега тоа не се знае. Ќе се објасни и зошто се нанело ваква штета на општината. Ние сме една од општините што нема прикажано реален долг кон доверителите. Според бројките, станува збор за недомаќинско работење. Мора да се покрене постапка ова да се запре и да не се случува повторно, објаснува Шефтероски.
Адвокатот Жарко Стеваноски објаснува дека општината, поради непријавените долгови, загубила можност за поврат на средствата од централната власт.
-Ќе се искористи можноста да се анализираат јавните набавки за да се види како се фрактурирало и се вршеле исплати, за да се утврдат одговорноста и идните чекори за решавање на ситуацијата. Со непријавувањето, односно, со неевидентирањето на крупните обврски на општината кон разни добавувачи, општината ја загубила можноста побарувањата да ги пријави како обврски за централната власт да може да ги покрие. Односно, да покрие 51 отсто од вкупните обврски на општината. Затоа, општината е оштетена за 51 отсто од неприкажаниот долг, односно за околу 2,7 милиони денари, вели Стеваноски.
Градоначалникот на Кривогаштани Шефтероски признава дека општината е доведена во незавидна ситуација со блокираната сметка.
-Точно е дека доведено е во прашање фунционирањето на Општина Кривогаштани поради непријавените долгови. Моментално имаме блокирана сметка. Со неприкажувањето на долговите на општината кон разни добавувачи, ова се скриени долгови. Со ова, општината нема можност за активна сметка и нормално да функционира. Остануваме со блокирана сметка како општина. Тоа ќе се одрази негативно на функционирањето на општината. Ваквите долгови со неприкажаните околу шест милиони денари, негативно ќе влијаат во работењето на општината, смета градоначалникот на Кривогаштани Рубин Шевтероски.