Во Струмица денеска се одржа инфо-сесија по објавениот повик „Предизвик за млади истражувачи“ за креирање истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки во организација на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за образование и наука.
На сесијата учествуваа претставници на основните и средните училишта од регионот. Целта е да се поттикнат наставниците и учениците да ги препознаат своите способности и да изготват предлог проекти кои ќе бидат парично наградени од Фондот за иновации и технолошки развој. Средствата што ќе ги добијат училиштата ќе можат да ги искористат за опремување на кабинетите и за набавка на лабараториска и друга опрема.
Јавниот повик ќе биде отворен до 31 идниот месец, а лани, на првиот повик, беа наградени два проекта на Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица.