Во Велес лани се регистрирани 724 заболени од заразни заболувања, што е за 391 случај помалку споредено со претходната 2017, а кога биле регистрирани 1115 заболени.Со ваквиот годишен биланс не била надмината бројката на предвидените илјада заразни заболувања, а согласно нивната Програма за 2018.
Како што информира за МИА, началникот на епидемиолошкото одделение, прим. д-р Билјана Трајкова, намалениот број заразни заболувања лани се должи на намлениот број заболени од варичела или овчи сипаница и на намалениот број на заболени од ентероколитис.
Таа информира дека во 2018, бројот на заболени од варичела бил 140, а 441 лице биле со цревни заразни заболувања од кои најголем дел 392 биле со ентероколитис, но што сепак била помалку на заболени споредено со 2017.
Инаку, лани имало и четворица заболени од заразни заушки и осум заболени од скарлатиа, 26 случаи со докажана салмонелоза и девет лица заболени од шуга, а која според д-р Трајкова ја има последниве години.
Прим д-р Трајкова информира дека во 2018 во Општина Велес биле регистрирани и поединечни ретки заболувања како менингитис со еден заболен, како и тројца заболени од ехинокок, а било регистрирано и едно лице од СИДА. Од микробилоши изолати регистрирани се од хламидија 15 изолати и еден изолат стафилококус ауреус МРСА.
Прим. д-р Трајкова оценува дека епидемиолошката состојба на подрачјето на Општина Велес во 2018 била под контрола бидејќи заразните заболувања биле во очекуваната граница.
-Се изведуваа мерки на надзор, дезинфекција, дезинсекција и дератизација на теренот. Се вршеа епидемиолошки истражувања се’ со цел за спречување и откривање на заболените лица. Епидемиолошкото одделение на ЈЗУ Центар за јавн здравје Велес во текот на целата година континуирано преземаше противепидемиолошки и превентивни мерки и активности, што придонесе епидемиолошката состојба во Општина Велес да биде под контрола, потенцира прим. д-р Трајкова.