Полицијата од Секторот за внатрешни работи – Охрид изминатите три дена сповела повеќе сообраќајни акциски контроли, при што се опфатени 314 патнички и други моторни возила, а спроведени се и алкотестови на вкупно 144 возачи.

Притоа е констатирано дека 13 од нив управувале моторни возила под дејство на алкохол, по што се исклучени од сообраќај и одземени им се возачките дозволи.

Како што појасни портпаролот на СВР – Охрид Стефан Димовски, на подрачјето на Кичево била извршена посебна контрола на возила што вршат јавен превоз при што беа контролирани 34 автобуси и истите биле упатени во станиците за технички преглед. Притоа кај пет автобуси биле констатирани одредени технички неисправности, а еден автобус веднаш бил исклучен од сообраќај.

Според Димовски, согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, издадени биле вкупно 24 мандатни платни налози и 14 барања за поведување прекршочна постапка.

Димовски нагласи дека акцискате контроли биле спроведени во насока на подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот и доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, најавувајќи дека истите континуирано ќе се реализираат на целото подрачје што е под ингеренција на СВР – Охрид .