Со повик на телефонскиот број 13112 од сите оператори на мобилната и фиксната телефонија во земјата можете да остварите контакт со специјализираната служба за спасување во планина што е оперативна во регионот на општините Охрид, Струга, Ресен, Дебрца и Вевчани.
Како што беше истакнато на денешната презентација на скратенот број за СОС-повици кон Планинската спасителна служба што функционира во регионот на Охридското Езеро, станува збор за практика што првпат се воведува во земјата. Таа е спроведена во рамки на проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам” финансиран преку ИПА-програмата за прекугранична соработка од Европската Унија, спроведен од страна на Црвен крст од Охрид.
-Во рамки на имплементација на проектот за Охридското Езеро во тек се и активности за изградба на Центарот за спасување на планина, со оперативен и тренинг-центар, како и воведување иновативни начини за воспоставување врски со лицата на кои им е потребна помош, односно џи-пи-ес лоцирање на повиците преку соодветен софтвер, истакна Антонио Додевски, раководител на Планинската спасителна служба.
Вршителот на должност градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, истакна дека воспоставувањето телефонски број за помош при потреба или несреќа во планина, од една страна, е основа за почеток за развој на планинарството како рекреативен спорт, а истовремено за развој на планинскиот и алтернативниот туризам, од друга страна.
-Охрид може да се позиционира високо на светската туристичка мапа доколку туристички пулсира во текот на цела година, што е наша интенција и заложба – продолжување на сезоната надвор од летниот период. Нашите стремежи се преку развој на проекти и нови содржини да се воспоставуваат нови форми на туризам. Нема сериозен развој на планинскиот и алтернативниот туризам без зголемување на безбедноста при движење во планина, истакна Георгиески, најавувајќи дека локалната самоуправа постојано ќе поддржува активности насочени кон развој на различни форми туризам.
Претседателот на Општинската организација на Црвениот крст, Сашо Точков, во оваа пригода посочи дека Спасителната служба на планина, заедно со идната планирана служба за безбедност на вода со седиште во Поградец, ќе претставуваат исчекор кон зголемувањето на безбедноста на сите оние кои сакаат да се рекреираат во планина или на вода.
-Интенција е целиот регион на Охридското Езеро да биде опфатено со интегриран систем за безбедност. Односниот телефонски број многу ќе придонесе луѓето да се чувствуваат побезбедно, но и оние кои ги организираат планинските тури да бидат насочени за нивното движење, односно однесување во планина, рече Точков.
Преку Центарот за управување со кризи на национално ниво се развива систем за воведување единствен СОС-телефонски број за помош при несреќи, така што во иднина би можело да се очекува и овој телефонски број да биде интегриран во еден центар од каде што би се координирале активностите за помош во различни кризни ситуации.