Граѓани на Пехчево алармираат за масовна појава на труење на кучиња. Според жители кои сведочат за оваа појава, отровот за кучиња се фрла на места што се лесно достапни, а што е потенцијална опасност и за самите граѓани, а особено за најмалите.
Последниот случај на затруено куче утрово го забележал пехчевецот Марјанчо Димитров кој не дозволил неговото дете да го погали кучето кое се тетеравело во неговиот двор.
– Оваа појава веќе извесен период им создава главоболка на жителите на Пехчево, особено на нас родителите кои не знаеме каде се е фрлено отров, што е потенцијална опасност за децата. Отровот најчесто се фрла на места што им се лесно достапни на децата. Сакаме да им порачаме на оние што го прават тоа да размислат малку за последиците, бидејки токму нивното дете може да дојде во контакт со отровот што е смртоносен, вели Димитров.
Димитров вели дека случајот ќе го пријави до надлежните од каде очекува откривање на сторителите на ваквата појава што е животозагрозувачка и по децата. Сличен случај на труење на животни, како што информираа загрижените родители во Пехчево имало и пред шест месеци, но сторителот на таквото дело не бил откриен.