Барањата од областа на комуналното уредување во општина Гевгелија брзо и навреме се решаваат бидејќи во најчест случај тие се однесуваат за решавање на комунални зафати, за дореализација на некој инвестициски зафат или пак за реализација на некој бизнис план, информираат денеска од одделението за уредување на градежно земјиште, патишта и улици при општина Гевгелија.

– Во изминатата година биле примени 337 барања за пресметка на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти од кои биле наплатени 291 барање. Од страна на граѓаните биле доставени и 68 барања за користење на јавна површина од кои 29 пред деловни и угостителски објекти, 20 за градежни работи и 19 за организирање манифестации и презентации на јавни површини, велат од надлежното општинско одделение.

Покрај ова, беше посочено, биле примени и 20 барања за прекопување на јавни сообраќајници од кои 19 биле одобрени, а едно одбиено. Токму на оваа пракса реагираа многу гевгеличани затоа што по завршување на работите сообраќајниците не се доведуваа во првобитна состојба од страна на барателите поради што повеќето улици во градот останаа руинирани, а изведувачите на работите неказнети.