Еколошките здруженија денеска изразија целосна поддршка за граѓанските активисти и жителите на локациите каде е планирано градење на рудници за бакар и злато.

-Тие се нападнати поради борбата да си ги зачуваат домовите и храната, велат оттаму.

Во последните три години мал број жители од овие региони се борат за спасување на најплодната почва во нашата земја и повеќе пати недвосмислено го изнесоа својот став против нивна изградба. Тие сами се борат за заштита на нивните домови и безбедноста на своите семејства – што на сите граѓани во оваа земја им е загарантирано со Уставот.

Велат дека не е првпат да се врши заплашување и напади врз еколошки активисти во земјава и бараат од власта да преземе мерки за заштита на своите граѓани. Бараат од властите да преземат мерки за заштита на своите граѓани, истакнувајќи дека ваквиот третман врз претставниците на еколошкото граѓанско општество е спротивен на одредбите на еколошката демократија и на Архуската Конвенција.

Бараат власта да ги запре постапките за издавање одобренија за отпочнување со експлоатација и изградба на инфраструктура на локациите за кои е издадена концесија истакнувајќи дека рудниците со сигурност имаат влијание врз животната средина и жителите на тие места, и дека големината на најавените проекти подразбира огромно,трајно влијание и загадување на почвите, водите и воздухот на локацијата каде тие ќе бидат изградени.

Сметаат дека во преговорите за влез во ЕУ, за земјата ќе биде погубно доколку стигнат лавина реакции за загадување на животната средина со отварање на рудници. За земјата е погубно да дозволи заплашување на своите граѓани и покрај забелешките кои ЕУ ги има упатено за недостатокот на владеење на правото и кршење на човековите права во земјава.