Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари изрази јавна благодарност до жителите на селото Ласкарци, чии жители први им помогнаа на настраданите во сообраќајната несреќа на 13 февруари. Денеска на средбата со претставници од месната заедница од селото Ласкарци, во седиштето на општината, им беше врачена благодарница за покажаната пожртвуваност и хуманост.
– Постојано ги броиме жртвите, но понекогаш забораваме дека таа трагедија ја преживеаја 38 лица. Сето тоа благодарение на придонесот на овие луѓе, кои дојдоа денеска тука кај нас да ни изразат сочувства. Секако, Гостивар им должи на овие луѓе почит и вечна благодарност. Од срце им благодарам. Тие одржаа лекција за хуманост и солидарност и како луѓето треба да помагаат едни на други, рече Таравари по средбата.
Претседателот на месната заедница на Ласкарци, Самед Мисими рече дека тамошните жители сé уште се потресени.
– Сите сме длабоко погодени од големата несреќа и тешко е воопшто да се зборува за тоа. Луѓето таа вечер го дадоа својот максимум и безрезервно помагаа, рече Мисими.
На средбата било договорено гостиварскиот градоначалник Таравари утре да го посети местото на несреќата и лично да им се заблагодари на спасувачите од селото Ласкарци. Гостиварската локална самоуправа планира да помогне во селото во решавање на некој инфраструктурен проблем во селото.
Вчера во посета на Гостивар беше и косовскиот амбасадор во Скопје, Ѓерѓ Дедај, Тој на средбата со градоначалникот Арбен Таравари изрази сочувство на граѓаните на Гостивар за загинатите од 13 февруари и на повредените им посака брзо оздравување на повредените.