Постои се поголем расчекор меѓу планираните и реализираните буџети на општините од Вардарскиот плански регион во периодот од 2013 до 2017 година. Просечниот процент на реализираност во сите опшини бил 75 проценти, а просечната реализација на буџетите во овој период опаднала за 17 проценти.

Ова се наодите од осуммесечното истражување коe во општините од Вардарскиот плански регион го спроведе Центарот за активни граѓани „АКТИВО“ од Велес преку проект од ЕУ, а го презентира денеска во просториите на Општина Велес.

Како што информира координаторот на проектот, Дејан Ристов, растечки тренд во планираните буџетски приходи на општините од Вардарски плански регион во последните пет години е присутен во сите девет локални самоуправи. Планираниот буџет на општините од Регионот во овие пет години се зголемил за 15 милиони евра.

-Во последната 2017 година генерално општините од Вардарски плански регион најслабо го планирале и реализирале буџетот во споредба со претходните четири години, една третина од планираните буџети на сите девет општини од Регионот во 2017 година останале нереализирани, во анализираниот период највисок процент на нереализирани средства е забележан во 2017 година, општините во 2013 година реализирале 84 отсто, додека во 2017 само 67 проценти од планираните буџети, појасни Ристов.

Според него, Општина Росоман најдобро го планирала и реализирала буџетот во сите пет години, а најслабо Демир Капија.

Помалите општини во Вардарски плански регион издвојуваат повеќе средства по глава на жител од поголемите, општините планирале да потрошат по точно 100 евра повеќе по глава на жител отколку што реализирале просечно во сите пет години. Општините Демир Капија, Градско и Росоман реализирале најмногу пари по глава на жител, додека Општините Велес, Кавадарци и Лозово потрошиле најмалку средства за секој граѓанин кој што живее на нивната територија, потенцира Ристов.

Воедно појасни дека Општина Демир Капија е единствената Општина од Регионот која има просек на потрошени средства по глава на жител за сите пет години од над 300 евра и е единствената што потрошила повеќе од 400 евра за секој жител во една година.

Општина Велес како најголема општина во Регионот, пак, потрошила најмалку пари по глава на жител во периодот од 2013 до 2017 година. Во 2013-та, Општината потрошила само 182 евра по жител, што се најмалку потрошени средства во сите пет години од сите девет општини.

– Изминатите години буџетите на општините беа списоци на желби, но тоа не зависи од вработените, туку од градоначалниците и мнозинството во Советот. Живееме во партизирано општество во кое градоначалниците ветуваат се’ и сешто за да ги придобијат граѓаните, рече Коцевски.