Пробиштип бара согласност за вработување на пет пожарникари, со цел Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) да функционира нормално. Градоначалникот на Општината, Драган Анастасов вели дека во моментов пожарите во оваа општина ги гаснат вкупно 12 пожарникари, а за нормално да функционира единицата потребни се најмалку 16.

– Бараме согласност за пет нови вработувања во противпожарната единица, зашто бројот на пожарникари е мал и недоволен за вршење на дејноста, вели Анастасов.

Поради ова, противпожарната единица се соочува со сериозни проблеми, во делот на формирање на смените за пожарникарите. Но, во оваа противпожарна единица проблем се и старите и амортизирани возила. Пожарникарите имаат вкупно пет возила, чија просечна старост е околу 30 години, со исклучок на едно возило, од 2013 година. Според стандардите за работа, на секои илјада жители потребен е по најмалку еден пожарникар. Во моментов, во Пробиштип има по еден пожарникар на секој две илјади жители.