Љупка Арсова, инженер за заштита на животната средина и координатор за управување со отпад во Источната истражувачка група (ERG), во интевју за МИА говори за истражувачката дејност, а открива и за еколошките предизвици со кои се соочува во секојдневната работа. Нејзина специјалност е управувањето со отпадот, но го прокоментира и загадувањето на воздухот во Македонија и како да ја заштитиме природата. На учесниците на 10. Школа за млади лидери им порача да се грижат за животната средина, бидејќи природата ни враќа во иста мера. Животна лекција ѝ е работата со индијанско племе на Алјаска, кои побарале издржливо решение за управување со отпадот што ќе ги задржи младите на островот, независно од финансиската конструкција на проектот.
Учествувате на Школата за млади лидери што 10. пат се одржува по иницијатива на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Што им пренесовте на младите лидери и каква порака им испративте?
Пораката што сакав да им ја пренесам на младите лидери е дека тие, но и секој од нас треба да преземе одговорност за нашата животна средина и она што се случува околу нас. Секој од нас може да направи промена и ако секој направи мала промена, тоа ќе доведе до голема промена. Ние можеме да ја имаме целата технологија на светот, но ако немаме здрава животна средина, џабе ни е сè. Ние сме биолошки организми и како такви нам ни треба здрава и чиста животна средина. Отпадот што завршува во морињата и океаните се разградува и ни се враќа назад преку водата, храната, воздухот, почвата… Во водата за пиење во Америка е пронајдена нанопластика, која е толку мала и ниту еден филтер не је фаќа. Тоа е од пластиката што ние ја фрламе. Загадената животна средина доведува до болести и други проблеми.
Од каде да поченеме ние во Македонија, како да ја заштитиме животната средина?
Во Македонија тоа е како еден отворен пазар и може да почнеш од каде сакаш. Но, сметам дека најбитно е да се почне од имплементацијата на законите. Имаме регулатива што треба да е паралелна со онаа на Европската Унија за животна средина, воздух, води, отпад…, само треба да почне да се применува на построг начин. Кога ќе се почне со примена на регулативите, мислам дека многу ќе се промени. Тоа е една страна од каде што може да се почне. Голем дел за решавање на сите проблеми е едукацијата и информираноста на населението. Кога граѓаните ќе ги разберат проблемите и дека секој од нас е дел од решението е голема работа, но мора да има и пионери, луѓе кои ќе преземат поголема одговорност и јавна улога да го променат тоа.
Како пример ќе ја споменам Кина, која без оглед што беше и уште е најголем загадувач, властите решија да ја направат еколошка земја. Конкретно во Нингуо пред шест месеци решиле дека целиот органски отпад мора да се селектира и да се носи за производство на биогас и така да се користи. Почнале отпадот да го собираат во зградите, но не се селектирало како што треба, па така градоначалниците и јавни личности одат по зградите и ги прашуваат луѓето зошто не прават селекција. Мора да има јавна свест и да се покаже како што кажал кинескиот претседател дека „чистиот воздух не е за богатите, а нечистиот за сиромашните“. Водухот е за сите ист и мора да го направиме чист за сите. Не само што треба јас да рециклирам, и ти треба да рециклираш, и претседателот треба да рециклира…, решението е во сите нас. И одговорноста е во сите нас.
Во Македонија имаше неколку града со висок процент на ПМ-честички во воздухот. Неколку дена Скопје беше најзагаден град во светот. Што може да препорачате, како да го намалиме загадувањето на воздухот?
Кога зборуваме за загадувањето на воздухот, многу голем процент во една урбана средина е транспортот, но и покриеноста, односно непокриеноста со централно греење, користењето цврсти горива и дрво за загревање. Во Скопје има автобуси што се стари по 30 и 50 години. Уште се вози на дизел и други горива. Треба да се воведе ред во сообраќајот. Во Пекинг, на пример, каде што имаше голем проблем со загадувањето на воздухот, одредени денови во неделата одредени броеви на регистрации може да се возат и да се лимитира и возењето коли. Таму не може да си купиш кола затоа што ти сакаш, мора да аплицираш и Градот дозволува одреден број коли. Некој ќе рече тоа е комунистичко решение, но мора да има решение бидејќи на тој начин се намалува бројот на автомобили, а со тоа и загадувањето на воздухот. Знаеме дека во Македонија се увезени автомобили на разни начини, со секакви документи и многу од нив не исполнуваат стандарди. Скопје има географски предиспозиции да го задржува воздухот, се наоѓа во котлина. Потребно е многу подобро планирање во градот, користење јавен транспорт и возила на биогас или електрични. Мораме да сфатиме дека ако сакаме да имаме чист воздух, сите треба да преземеме акција и да прифатиме одговорност.
Дали и колку градбите влијаат врз загадувањето на воздухот?
Секако дека влијаат. Со непланското урбанистичко дивеење се нарушуваат многу работи, како што е сообраќајот, ветерот и ружите на ветерот, кои не се планираат. Кај нас планирањето оди малку потешко. Најголем тренд во големите градови во светот се „смарт сити“, каде се следи од каде одат автомобили, автобуси, велосипеди, каде има диви градби и како тоа влијае врз загадувањето. Дивите градби и урбаната непланираност на работите не се само проблем за загадувањето на воздухот, туку доведуваат до колапс и на другите структурни системи, како вода, отпадни води… Тоа води до други проблеми во животната средина.
Што предлагате за намалување на загаденоста на воздухот во Скопје?
Не сум експерт за загадување на воздухот. Можам да помогнам со отпадот. За почеток би ги затворила тие инцелератори на Дрисла, ако се стварно толку лоши, не би требало да работат. Такви инцелератори без никаква заштита за воздухот, без да се знае што емитираат во воздухот, се прашање колку ги исполнуваат европските регулативи.
Експерт сте за управување со отпад. Што предлагате за надминување на проблемот со депониите и колку моделот со јавно-приватно партнерство може да се примени во нашата држава?
Македонија работи на таа тема. Направени се планските региони и развојни планови за нив. Некаде се веќе и под концесија и се работи на изградба на регионални депонии. Јавно-приватните партнерства се добитна варијантна за управување со отпадот. Тие се честа појава и добар модел за вакви проекти. Насекаде во Европа се користи за изградба на постројки и депонии, а сè почесто се применува и во Америка. Јавно-приватното партнерство е вин-вин модел за двете страни. Од една страна, општините немаат капитални средства да инвестираат во депонија што чини стотици милиони долари или во една анаеробна дигестија (производство на енергија од отпад), немаат технички капацитет да се реализира таков проект, а од друга страна, имаме компании што имаат пари да инвестираат, технички потенцијал и искуство. Кога ќе се направи таква комбинација, сите се победници. Многу лесно е да контролираш приватна компанија што потпишала дека ќе исполни одредени услови, бидејќи веќе ги исполнила во друга држава, отколку да бараш од една општина да гради постројки и да ги води. Кога ќе се направи бизнис-модел дека таа технологија и тоа решение кога ќе се имплементира е одржливо од технолошки и економски аспект во една општина, тогаш нема за што да се грижите. Тоа се имплементрало и покажало како одлично во многу места.
Знам дека има интерес кај реномирани компании да дојдат во Македонија и да работат. Во Македонија струјата е скапа и многу од тие постројки произведуваат струја, ако имаш продукт од твојот бизнис што се цени на пазарот, има добра цена и што има пазар нема да има проблем. Сметам дека нема да е проблем да се најде фирма што сака да инвестира, да направи и да развие бизнис-модел што ќе биде економски одржлив за нашите општини. Најголем проблем што инвеститорите го гледаат во нашата држава е корупцијата од највисоко до најниско ниво и неимплементирањето на законите и затоа фирмите се плашат да дојдат. Не веруваат дека нивниот бизнис може да успее. Ако не гледаат сигурност и закони, ако една фирма е заинтересирана да дојде да направи проект и да го реализира, секогаш се плаши дека ќе дојде друга фирма што ќе биде отворена за мито и корупција, нема да ги исполнува условите, ќе направи сличен проект, ќе биде поевтина, но на штета на животната средина и оние со вистинскиот проект ќе банкротираат.
Сум водела цел тендер од развој на техничка и тендерска документација. Многу често кај нас техничкиот и финансискиот предлог се одвоени. Прво се евалуираат техничките проекти, се избираат најдобрите решенија и потоа се отвораат финансиските предлози. Бидејќи не се водиш со цената, туку со техничката опција. Кога имате технички можни решенија, избираш кое е најевтино, но знаеш дека сите тие се одлични.
Која е Љупка Арсова и како открива кое е идеално решение за управување со отпад за одредено општество?
Работам како консултант за управување со отпад во Источната истражувачка група. Мојата позиција во фирмата е виш инженер за заштита на животната средина и работам како координатор на целиот бизнис за управување со отпад. Додека бев на постдипломски студии на Универзитетот „Колумбија“ работев како истражувач, но моментално работам на имплементирање решенија. Мојата професија се состои во работа со градови, држави, општини, племиња ( во Америка има индијански племиња), со луѓе кои се одговорни за комуналните дејности и донесуваат одлуки за управување со отпадот. Мојата улога од почеток до крај во една идеална ситуација е фирмата во која работам како дел од тимот е да бидеме вклучени од почетокот кога се гледа моменталната состојба, каков и колку отпад се произведува, каде се носи и што се прави со него. Според почетната позиција гледаме кои се најдобрите решенија. Нема едно решение за сите. Има повеќе различни комбинации. Ние најчесто нудиме по три решенија што сметаме дека се најдобри и врз основа на нив се дискутира, но никогаш не наметнуваме. Секое решение има и добра и лоша страна. Ние сакаме да донесеме опции, да им понудиме на клиентите. Начинот на кој јас гледам на работите и колку знам за некоја локација е различен со луѓето што живеат таму, се занимаваат со планирање на градот или отпадот и затоа е битно да се разгледаат повеќе опции од технички, економски и еколошки аспект. Од технички аспект технологијата да може да го процесира тој отпад. Економска евалуација да не дојде до зголемување на цените за ѓубре и еколошка се гледа колку даденото решение ќе придонесе во намалувњето на стакленичките гасови при обработка на отпадот. Многу е важно јавноста да е вклучена од самиот почеток во развивањето одржлив систем за управување со отпадот.
Што би издвоиле од вашата досегашна работа, некоја интересна случка?
Од многуте случки во работата ќе издвојам една лекција од индијанското племе во Алјаска што ќе остане засекогаш со мене. Многу често кога се работи со градоначалниците решенијата и одлуките се водат од политички причини. Со Индијанците беше поинаку. Во барањето начин за решавање на проблемот со комуналниот отпад тие рекоа: „Ние сакаме одржливо решение за нашиот остров, кое ќе ги задржи нашите деца тука. Ние сакаме децата да сакаат да се вратат на островот. Тоа е за нас решение и ништо друго. Не нè интересира колку чини, ниту колку време ќе треба да се реализира. Тоа е наша инвестиција за нашите деца“. Тоа е една лекција што ќе ја носам со мене засекогаш. За сè треба така да се однесуваме. Сè што правиме е инвестиција за нас и нашите деца.
Слаѓана Стојкова-Костоски