Неколкукатниот објект на новиот крак на струмичката болница точно 33 години со својата впечатлива фасада потсетува дека пред многу години градот под Царевите Кули требаше да добие современ болнички капацитет.
Тоа го потврдува и директорот на ЈЗУ Општа болница Струмица, д-р Наќе Гогов, кој вели дека веќе објектот почна да ја ситни и четвртата деценија од почетокот на изградбата, а струмичани и другите граѓани од регионот конечно очекуваат да добијат нов болнички капацитет.
Според него, постојано нешто го кочело завршувањето на овој модерен здравствен капацитет.
-Постојано нешто се чекаше. Нешто ќе се расипе, па се поправа, па проектите не одговараат, но сега во изминативе две години се засили интензитетот на градење, вели директорот Гогов.
Додава дека над 80 проценти од внатрешното уредување и опремување се завршени.
-Поставена е исталацијата за струјата, климатизерите, речиси сите болнички соби се опремени со потребната инсталација, а засега останува уште да се опреми приземјето, каде што ќе биде сместен идниот ургентен центар, дополнува директорот Гогов.
Информира дека се во постојани контакти со проектната единица на Министерството за здравство и оттаму добиле ветување дека за шест месеци треба да заврши целосната изградба и опремување на новиот крак на болницата.
-Министерството за здравство има обезбедено три милиони евра за опрема и четири милиони за довршување на внатрешното уредување и очекувам дека во текот на оваа година треба да биде предаден во употреба новиот дел од болницата, потенцира директорот, доктор Наќе Гогов.
Во новиот крак на болницата, што се простира на шест илјади квадратни метри, се планира да бидат сместени сите хируршки гранки – хирургија, гинекологија, очно и ушно одделение. Има осум оперативни сали и секое одделение ќе има своја сала за операции. Во стариот дел на болницата ќе бидат сместени невролошкото одделение и интернистичките гранки.
-Доколку сè оди според планираното, тогаш болницата во Струмица уште повеќе ќе ја засили својата улога како регионален медицински центар. Пациенти од Берово, Радовиш и од Валандово гравитираат кон нас, објаснува Гогов.
Најголем проблем, според менаџерот на струмичката болница, е недостигот од лекарски кадар, што многу се осипа последните неколку години, како последица на заминување во пензија и во приватното здравство.
-Во нашата болница имаме 58 специјалисти, а ни требат најмалку уште дваесет. Од почетокот на март пет наши колеги ќе заминат на специјализација, а поднесов и барање за прием на уште десет лекари. Планираме во наредните пет – шест години да се екипираме за да можеме да ги задоволиме основните норми за функционирање на еден современ регионален здравствен центар. Покрај тоа, имаме и потреба од најмалку 5 – 6 лекари специјалисти кои ќе работат во новиот ургентен центар, смета д-р Наќе Гогов.
На крајот заедно со директорот заминавме во обиколка на новиот крак на струмичката болница. На секој чекор е видливо дека во тек се завршни работи во внатрешноста на објектот и дека очекувањата на граѓаните и на менаџментот на болницата можат да се исполнат и во текот на 2019 година Струмица и регионот да добијат современ здравствен капацитет.
Дали конечно ќе се пресече лентата на новиот болнички крак ќе се знае најдоцна за десет месеци, но останува горкото чувство дека во изминативе години во секој изборен циклус овој објект беше едно од изборните ветувања во Струмица.
Инаку, новиот дел на струмичката болница почна да се гради во 1986 година. Осум години подоцна таа беше запрена, откако на неуспешен референдум струмичани не се согласија да издвојуваат средства за продолжување на изградбата.
Ристо Тасев