Снегот што во текот на ноќта и утринава падна на територијата на Крива Паланка формираше снежна покривка од околу десет сантиметри во градскиот реон, додека на повисоките места изнесува околу педесетина сантиметри.

Најмногу снег падна во Нерав, Огут, на Калин Камен и во селото Узем кај граничниот премин со Република Бугарија, Деве Баир.

Патиштата се проодни, засега нема проблеми во одвивање на сообраќајот, а од службата за зимско одржување при ЈП Комуналец Крива Паланка информираат дека екипите се на терен и првата зона од градот комплетно е расчистена.

– Сите возила од утринава се во првата зона,каде снегот е околу десет сантиметри.Веќе се расчистени и посипани со сол и ризла главната улица, пристапите до итните служби, паркинзи и сообраќајници, а веќе се поминуваат и угорниците, помалите улици и пристапни патишта, рече Драги Пешовски раководител на службата за зимско одржување при ЈП Комуналец.

Посочи дека во селата ќе се расчистува утре, а денес ќе бидат поминати два до три пати улиците во градот, за да овозможи добро сообраќање и да се ревенираат поледици поради најавите за ниски температури под нулата во текот на ноќта.

Снег има само на подрачјето на општина Крива Паланка, до селата Псача и Гиновце и во Славиште, општина Ранковце.