Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „Пристоен живот“ одржа голем протест во Кичево.

Протестниот марш започна пред Железничката станица во Кичево, потоа демонстрантите се движеа по булевар „Ослободување“ се до градскиот плоштад.

На протестот најбројни беа членовите на СОНК, но имаше и други преставници од јавната администрација.

Барањата на демонстрантите беа покачување на платите во јавниот сектор согласно процентот на покачување на минималната плата, со тоа што исплатата би започнала од јануари оваа година, исплата на К-15 за јавната администрација и прекин на трансфер од јавен во приватен сектор.

Тие укажуваа уште еднаш за барањата кои ги поставија во рамки на протестот: пристојна плата за пристоен живот, работа без притисок и мобинг, сигурност на работното место, почитување на законите и колективните договори, почитување на социјалниот дијалог и парнерство.

– КСС и понатаму ќе продолжи да ги спроведува своите активности се додека институциите не преземат дејствија за исполнување на тие барања кои се согласно законите и колективните договори, рече претседателот на КСС Благоја Ралпоски.

Преседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека покачување на платите од пет отсто во образованието не е доволно, како и дека ќе продолжат да се борат за поголема плата и за регулирање на надоместокот за превоз на просветните работници.

На протестот се обрати Зуфер Рушај, член на Синдикатот од Кичево кој рече дека нивните барање се едностано од економска природа, оценувајќи дека се целосно нормални и оправдани.

Протестот го поздравија и гости од други градови од земјата.

Имено, протестот се одвиваше мирно и достоинствено со знамиња на КСС и СОНК како и употреба на свирчиња.