Голем број на жители на кумановското село Клечовце покажале интерес за бесплатните превентивни прегледи кои на терен, деновиве ги спроведоа екипите на Здравствен дом – Куманово во рамки на програмата на Министерството за здравство „Здравје за сите“.

– Контролите опфаќаат бесплатна проверка на шеќер во крвта, холестерол, притисок, тежина, висина, совети за заштита и грижа на здравјето по извршените контроли и анализи, изјави Лилјана Ивановска, патронажна сестра и дел од превентивниот тим на Здравствен дом – Куманово.

Во првата акција која се спроведе во Клечовце биле прегледани 70-тина граѓани, претежно над 45 годишна возраст.

На седум лица од прегледаните, при контролите, утврдено им е зголемено ниво на шеќер во крвта и тимот од примарната здравствена заштита им дал препораки за понатамошно контролирање на состојбата, дадени им се препораки за редовни контроли кај матичните лекари, совети за здрав начин на живот, исхрана и активности, согласно возраста.

– Целта на овие акции е да се овозможи поголема пристапност до здравствените услуги на жителите од руралните средини, да можат навреме да се откријат одредени состојби, навреме да се реагира и лекуваат, изјави Ивановска.

Акциите во Куманово и соседните две општини Старо Нагоричане и Липково ќе продолжат да се реализираат и во наредниот период.

Според програмата такви акции, во рамки на програмата, ќе се спроведат во селата Табановце, Черкезе, Пчиња, Слупчане и Старо Нагоричане.