Во рамки на 13. коло на Првата женска кошаркарска лига на Македонија, во соседското дерби од Првата женска кошаркарска лига на Македонија, во Делчево екипите на КК ,,Клубски Патриот” и КК ,,Баскет Кам” одиграа натпревар кој им припадна на гостинките од Македонска Каменица кои славеа со 26:77.
Според тренерот на делчевки, Љупчо Петровски, убедливиот пораз е резултат на отсуството на дел од кошаркарките на ,,Клубски Патриот”.
– Игравме против поквалитетна екипа од нас, а исходот беше извесен уште по завршувањето на првата четвртина која што заврши во корист на гостинките. Нашата екипа настапи со подмладен состав, а поради повреди отсуствуваа дел од кошаркарките, што според мене беше причината за високата разлика, истакна Петровски.
Ова беше втор пораз на екипата на ,,Клубски Патриот” кој во оваа сезона го доживеа од каменичките кошаркарки.
Најефикасна на натпреварот беше Сара Спироска која успеа да постигне скоро ист број на поени колку целата екипа на Клубски Патриот. Покрај Спироска со 24 поени, одлична партија за екипата од Македонска Каменица одиграа и Стефани Колева со 19 кошеви и Моника Зафировска со 18 постигнати поени.
Ова беше седмата победа за екипата на ,,Баскет Кам” сезонава со која се искачија на петтото место на табелата.