Во насока на зголемувањето на поддршката помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, денеска во беровската деветолетка „Дедо Иљо Малешевски" беше пуштен во употреба новиот училишен кабинет кој е опремен со компјутери и други технички нагледни средства како донација од Фондацијата „Бугарско сеќавање".

Донацијата според директорката Наташа Аврамска ќе придонесе за подобри услови за работа во самото училиште.

– Ова е прва донација од ваков вид и ранг. Овие компјутери се од голема важност за учениците, бидејки ќе имаме подобрена настава, учениците ќе имаат поголема можност да истражуваат, секако со сите овие активности ќе ја водиме нашата мисија, а тоа е создавање квалитетни ученици за нашето општество, рече Аврамска.

Целта на донацијата како што истакна претседателот на фондација од Бугарија, Милен Врабевски е следење на патот на евроинтеграцијата преку прикажување на вистинската форма на хуманоста.

– Децата се моја мотивирачка сила да ги продолжиме напорите да прикажеме една вистинска форма на хуманост како дел од евроинтеграцијата. Затоа и сме присутни во вашата држава во повеќе градови со различни типови донации. Ова е поттик и останатите да ги мотивираме прво да бидат луѓе и да имаат мисија која според мене има за цел да се научиме да живееме заедно со други луѓе, без притоа да бараме благодарност за тоа, истакна Врабевски.

Ова е втора донација на крајниот исток како резултат на соработката со Фондацијата на Врабевски.

Како што најави беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, Општината со ваквиот партнерски однос ќе ги користи сите можности за развој на Берово во иднина.