Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани доби нова покривна конструкција на површина од над 300 квадратни метри, на западната страна од објектот. Замената на покривот е дел од првата фаза за надворешна реконструкција за што од Министерството за култура се обезбедени 14,5 милиони денари, со кои досега е поставена нова термофасада, а старите дрвени прозорци и врати се заменети со алуминиумски профили.

– Преостанува да се направи финалната обработка на фасадата откако заврши уредувањето на влезниот портал и поплочувањето на платформата од предната страна. Задржана е автентичноста на влезните столбови со црните мозаик-плочки, а на другите тераси се заменија подните плочки. Со реконструкцијата на фасадата и кровот на објектот „Бели мугри“ се отвори и прашањето за потребите и можностите на дел од просторот, посебно за терасата од источната страна, која со застаклување би се користела и како затворен простор – истакна Марјанчо Јованов од Одделението за урбанизам во Општина Кочани.