Со војничка свеченост во тетовската касарна на АРМ Народен херој Кузман Јосифовски-Питу во Тетово денеска беше одбележана 75-годишнината од неговото загинувањето.

По интонирањето на македонската и армиската химна, како и едноминутното мочење во чест на загинатите борци пред споменикот на нарoдниот херој поставен пред Командата на гарнизонот букети цвеќиња положија претставници од АРМ, сојузите на борци од Тетово и Гостивар, како и организациите на резевни офицери, сојузот на воени и полициски ветерани, здружението на воените инвалиди, Одборот на бранители, АД Тетекс и Националната установа Музеј на тетовскиот крај.

Пред присутните пригоден говор за ликот и делото на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа заменик-командантот на касарната потполковник Изеир Ејупи.

-Во низата од светли имиња национални дејци, борци и револуционери чија судбина била да го дадат својот живот за слободата на својот народ спаѓа и Кузман Јосифовски-Питу. Тој е еден од најистакнатите иделози и најактивни организатори на НОБ и антифашистичкото движење во Македонија. Загинува на 28-годишна возраст без да ги осети плодовите од својата борба за национално ослободување и социјална правда. Нас како припадници на третиот механизиран пешадиски баталјон ни претставува особено чест што нашата касарна го носи неговото херојско име. Ние како потомци на нашите славни предци сме должни да ги продолжиме нивните заложби и да го сочуваме сето она што тие успеале да го постигнат и стекнат. Наша обврска е и да ги почитуваме нивното животно дело и несебичната жртва што тие ја дадоа за ние денес да живееме во самостојна и суверена држава затоа што земјата што не ги слави и почитува своите херои ќе престане да раѓа нови, рече во своето обраќање пред присутните потполковник Ејупи.

Во рамки на одбележувањето на патронот на тетовската касарна со свои лични творби се претставија ученици од основните училишта Симче Настовски од Вратница, по што беше организиран и тактичко-технички збор на дел од вооружувањето и опремата со која располага единицата.