Советот на Oпштина Кичево денеска ја одржа 18-та седница на која беа усвоени повеќе предлог-одлуки, програми, извештаи и решенија.
Зелено светло од советниците доби информацијата што се однесува на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата за која реферираше командирот на ПС Генчо Лазаров, кој рече дека имаме стабилна безбедносна состојба, и оти питачењето е драстично намалено. Тој информираше дека делуваат претежно едукативно кон возачите во сообраќајот. Кај кражбите, како што посочи, откривачката дејност од 18 отсто е зголемена на 50 отсто, додека, пак, во јануари откривањето е качено на 80 отсто.
Посочи дека се една од подобрите полициски станици за откривање на ситното дилерство на дрога на ниво на цела земја, но призна оти тешкотија им преставува фактот што се само полициска станица, додека многу надлежности и процедури одат преку СВР Охрид.
Предлог-одлуката за ослободување од партиципација за престој во градинка на 20 ромски деца од три до шест години е предлог што едногласно беше прифатен од сите советници.
Предлог-програмата за финансирање активности од областа на културата што изнесува околу четири милиони денари за оваа година беше исто така прифатена со мнозинство гласови.
На седницата беше присутен и заменик-шефот на канцаларијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдестејн, кој со пофални зборови му се заблагодари на Советот за, како што рече, одличната соработка што ја имале во овој период и потоа на советниците им додели 13 сертификати за учество во семинар организиран од ОБСЕ во Охрид на тема „Подобрување на дијалогот за подобра соработка и разбирање во мултиетнички совети“.
Со седницата преседаваше преседателот на советот Аќиф Медиу, кој изрази благодарност до ОБСЕ за одличната соработка што ја имале и, како што рече, ќе продолжат да соработуваат и во наредниот период.