Зголемување на учеството на месното население од планинските села од Општина Тетово во сите процеси и активности за носење планови и развој на планинскиот туризам на Шар Планина. Ова е целта на едногодишниот проект „Жителите на шарпланинските села и граѓанските организации со заедничка соработка за придонес во развојот на планинскиот туризам во руралните средини на Општина Тетово”. Носители на активностите се планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и канцеларијата за локален економски развој (ЛЕР) од Општина Тетово, а поддржани од Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА.

-Ние како планинари постојано сме во контакт со месното население од овие села и гледаме дека има интерес, но очигледно е дека им треба соодветна поддршка и за лична обука, но и изградба на сметувачки капацитети. Само на овој начин ќе се придонесе природните вредности на Шар Планина да бидат соодветно искористени во туристички поглед, рече претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиновски.

Насер Џемаили од Вејци на средбата ги сподели своите искуства околу изградбата на вилата „Кобилица“ во неговото село што го носи името на еден од најдоминантните врвови на Шара.

-Со помош на ПК „Љуботен“ започнавме и ја завршивме градбата на објектот од новата вила „Кобилица“, а сега останува да се опреми внатрешноста со потребните работи за сместување, престој и јадење на планинарите. Интересот и на странските и на домашните туристи и планинари поради врвот Кобилица што е во непосредна близина на селото е очигледен, но мора да има и соодветни услови за нивно прифаќање, рече Џемаили.

И неговиот колега Драгиша Јововски, кој стопанисува со хостелот „Китка“ во селото Вратница, Општина Јегуновце, смета дека интересот на туристите за посета и планинарње на Шар Планина насекаде во Тетовско не е соодветно покриен со сместувачки и други капацитети.

-Јас имав неискористен објект во Вратница и успеав да го приспособам за хостел. Странските туристи ме контактираат преку веб-страницата на Букинг (Booking.com) и преку социјалните мрежи, додека домашните гости се информираат и преку информативните центри во планинарските клубови и во други институции, изјави Јововски.

Во рамките на проектот биле забележани моменталните сместувачки капацитети, како и можности за транспорт на туристи низ планинските места, а сите податоци се достапни преку веб-страницата на канцеларијата за ЛЕР. Истовремено со оваа студија е определено дека пет села, Бозовце, Вешала, Вејце, Лисец и Бродец, од вкупно 13 планиски населени места, колку што има во Општина Тетово, се главни точки за поголема поддршка во развојот на планинскиот туризам во овој дел од општината.