Над 2.500 ученици од 11 средни училишта во Полошко биле опфатени во рамките на образовно-превентивниот проект „Стоп на говорот на омраза“ чии носители се Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово, тетовската и гостиварската локална самоуправа и мисијата на ОБСЕ, информираа од СВР Тетово.

Активностите започнале во ноември, минатата година при што на учениците досега им биле одржани посебни предавања на кои тие биле запознати како да го препознаат говорот на омраза, како најефикасно да се дистанцираат од ваквиот говор и кои и какви можат да бидат неговите оштествени, лични, законски и други негативни последици. Покрај тоа на учениците им биле претставени и досегашните искуства поврзани со говорот на омраза, најчесто споделени преку социјалните мрежи.

Како финализирање на проектот во среда во националната установа Уметничка Галерија – Амам во Тетово ќе биде отворена изложба со 20 експонати што во рамките на целата активност ги изработиле дел од учениците од седумте тетовски средни училишта, најавија од СВР Тетово.