Во Берово заврши дводневната работилница во рамки на проектот за креирање родова стратегија за општините Делчево, Берово и Пехчево. Како што соопштија организаторите од имплементирачката организација „КХАМ“ од Делчево во рамки на работилницата се работело на изготвување на заеднички стратешки документ за трите општини.

-Овој документ планирано е да ги опфати сите сегменти за родовата еднаквост, конкретно во секоја општина.

Сакаме да го искажеме нашето задоволство и благодарност од активното учество на сите членови на Комисијата за еднакви можности, нивното залагање и вложување, како и до тренерот на обуката кој се вложи максимално за постигнување на посакувана цел, а тоа е изготвувањето на заедничкиот документ, истакнаа од НВО „КХАМ“.

Во рамки на овие активности претходно во општина Делчево беше донесена првата програма за родова еднаквост, програма која доби поддршка од делчевскиот Совет. Во програмата е предвидена реализација на над пет мерки и 13 активности кои ќе се реализираат во насока на зајакнување на институционалните механизми за воведување на еднакви можности помеѓу мажите и жените во делот на социјалната заштита, образование, култура, спорт и слично.

Проектот финансиски е поддржан од „Квина тил Квина“.